ПОВЕЌЕ

    Економската енергија на Карпош множи милиони

    Време зa читање: 5 минути

    Од улицата Рузвелтова па сѐ до Порта Влае се протега правата линија што го означува просторот на Општина Карпош, кој зафаќа 35 квадратни километри. На ова подрачје живеат повеќе од 12 насто од жителите на Скопје и се одвиваат бројни економски активности.

    Одделни статистики забележале дека овде има 1.124 трговски субјекти, 502 од стручните, научни и технички дејности, 312 од другите услужни дејности, 291 од градежништвото, 198 од дејноста транспорт и складирање, 177 од здравствената и социјална заштита, како и многу од финансиските дејности, осигурувањето, уметноста, забавата и рекреацијата, а меѓу образовните се и осумте факултети.

    Порталот Пари ги анализира компаниите коишто според минатогодишните резултати се категоризираат како најуспешни. Податоците за нивните остварувања во доменот на приходот, добивката и вработувањата се од базата на Бизнис Мрежа. Најдобрите, пак, се од различни дејности: здравство, фармација, трговија, автомобилска индустрија, информатички сектор.

    ТРГОВИЈАТА СО ГОРИВА Е НАЈПРИХОДНА

    Вкупниот приход на ударната карпошова десетка минатата година изнесувал 629 милиони евра, проследен со зголемување од 2,23 насто. Тоа, пак, произлегува од растот регистриран кај седум од нив.

    Најголем обрт на средства, од близу 187 милиони евра, е направен во Супертрејд. Компанијата, која на големо тргува со горива и сродни производи, го има и најголемиот пад на приходната страна, од 13,6 насто. И покрај тоа, со износот е на солидно растојание од тие што следат.

    Аџибадем Систина е второрангирана. Здравствените услуги што ги користат и домашни и странски државјани обезбедиле годишен раст од 10,97 насто и приход од 64 милиони евра.

    Пари има и во тутунот. Од трговијата на големо, ТДР Скопје ДООЕЛ лани направила приход од безмалку 55 милиони евра.

    Со продажбата на возила, пред сѐ од марката ситроен, Автонова го зголемила приходот за 42,46 насто. Тоа е најголемиот раст меѓу десетте најприходни компани.

    На оваа топ 10 листа има и две компании од фармацијата – Моја аптека (49,4 милиони евра) и Д-р Пановски (45,8 милиони). Една компанија е од игри на среќа – Делта Бет (52,8 милиони) во чии рамки се обложувалниците Моцарт. Од доменот на жичени, безжични и сателитски телекомуникациски дејности е Аста трејд (38,6 милиони).

    Со негативна годишна промена има уште две компании, кои го носат предзнакот ЕСМ: снабдување со топлина (‒ 5,90 %) и дистрибуција на топлина (‒ 5,13 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ИНФОРМАТИЧКА КОМПАНИЈА ГИ ПРЕДВОДИ НАЈПРОФИТНИТЕ

    Десетте најпрофитабилни компании во Карпош имаат заедничко остварување од 66,7 милиони евра. Финансиската слика е подобра за солидни 38,67 насто. Треба да се напомене – седум од најпрофитните не се и во друштвото на најприходните. Се повторуваат Аџибадем Систина, која е на средината од табелата со профит од 6,4 милиони евра, Автонова со 5 милиони евра (шесто место) и Д-р Пановски со 4,1 милион евра (осмо место).

    Највисока добивка, од 16,7 милиони евра, е постигната во информатичкиот сектор. Станува збор за компанијата Супорт & Солушнс Центар МК, која има бројни меѓународни клиенти. Годишната разлика е плус 16,78 насто.

    Највисок процентуален раст, од 141,66 насто, бележи Орка Холдинг. Сумата, пак, од 7,9 милиони евра ја позиционира компанијата на второто место.

    Зголемување на профитот поголемо од 100 проценти е забележливо кај две компании: треторангираната Апекс МК од дејноста обложување и игри на среќа (+ 100,80 %) и Друштвото за услуги и управување со недвижен имот КАМ имобилиен (+ 108,64 %).

    Малку помала добивка во однос на 2023 година лани оствариле две компании – Аџибадем Систина (‒ 1,27 %) и М Кар со (‒ 5,38 %) чиј главен адут во продажбата се возилата БМВ.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМИОТ РАБОТОДАВАЧ Е…

    Кај најголемите работодавачи во Општина Карпош платата ја заработуваат 5.067 лица. Една година пред тоа работните активности ги изведувале 4.633 вработени. Оттука е и позитивниот исчекор од 9,37 насто.

    Од вкупниот број, 22,6 насто се ангажирани од Аџибадем Систина. Приватната здравствена установа лани функционирала со тим од 1.144 лица.

    На оваа листа има и други компании од фармацијата и здравството: на трето место, со 585 вработени, е Моја аптека, сегмент од компанијата Зегин; на шесто место е Реплек фарм (396) и на десетто место е Клиничката болница Жан Митрев (301).

    Обложувалниците Моцарт ги опслужуваат 631 вработен, со што Делта БЕТ е второрангираната компанија. Игрите на среќа имаат приврзаници, па приредувачите мора да се добро екипирани. Најголема потреба од вработени минатата година имало во Апекс МК. Кадарот се зголемил од 235 на 422 лица, или за 79,57 насто.

    Наспроти тоа, бројноста на вработените се намалила кај две компани. Се работи за Нетцетера од информатичкиот сектор (‒ 4,48 %) и Секјурити груп сервисис (‒ 9,98 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Од коцка до здравје, разновиден е бизнис-корпусот на Карпош. Сѐ на сѐ, станува збор за урбана и динамична деловна зона. Карпошани би рекле и премногу, со оглед на децениската експанзија којашто незапирливо го менува ликот на Карпош, колку во позитивна, толку и во негативна смисла.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично