Акционерското друштво во државна сопственост за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација, М-НАВ АД Скопје, е непрофитабилно трговско друштво коешто не се финансира од Буџетот на државата туку од сопствени средства што ги добива од Еуроконтрол за давање услуги во воздухопловната навигација и нивната намена е јасно дефинирана со ЕУ-Регулативата 1794/2006.
Според расположливите податоци од Бизнис Мрежа, институцијата не ја мачат парите. Видливо е во јавноста дека М-НАВ долги години се справува со бројни проблеми: судски постапки за директори, бурни реакции од синдикалната организација, проблеми со обезбедување на навистина уникатниот кадар за оваа дејност, хакерски напади на системот, па сè до најновата вест за рачна навигација при слетувањето на авионите затоа што ниту еден од двата скопски радари не работи.
Порталот Пари ги анализираше заработките на М-НАВ. Таа последниве години трупа милионски добивки, и тоа изразено во евра.
ДОБИВКИТЕ ЈА ПОКРИЈА ЗАГУБАТА ОД ПАНДЕМИЈАТА
Минатата година, според податоците од Бизнис Мрежа, добивката на М-НАВ била 2,6 милиони евра. Влезните приходи, пак, изнесувале 24,25 милиони евра, а расходите на компанијата изнесувале 21,35 милиони евра.
Податоците покажуваат и дека 2023 година била посилна за М-НАВ, односно дека во 2024 година добивката се намалила за дури 37,8 насто во однос на претходната година. Во 2020 година, кога и небото беше затворено поради кризата, институцијата беше во дебела загуба. Со раздвижувањето стигна и „скромната“ добивка од 600.000 евра во 2021 година. Потоа, доаѓа време кога М-НАВ навистина може да се пофали дека добро заработува. Така, со вкупна добивка од 9,6 милиони евра во последните четири години на големо е покриена загубата од 5,8 милиони евра во 2020 година.
Извор: Бизнис Мрежа
Според М-НАВ, тие се финансираат на следниов начин: со делот од надоместокот остварен по основ на давање услуги на воздухопловна навигација чија висина се утврдува со трошковник согласно со Законот за воздухопловствo; сo надоместок за обука на персонал за услуги на воздушна навигација, како и од даноци, заеми, кредити и друга финансиска и техничка помош. Оттаму појаснуваат и дека за користење услуги на воздухопловна навигација во македонскиот воздушен простор, операторот на воздухопловот плаќа надоместок, кој се состои од надоместок со кој се финансираат трошоците за услуги за прелети и надоместок со кој се финансираат трошоците за терминални услуги.
ВИСОКИ ПЛАТИ, НО УШТЕ ПОВИСОКА ОДГОВОРНОСТ
Со вакви извори за финансиската конструкција за М-НАВ нема зима. Вработените, пак, се привилегирани со големи плати, пред сè контролорите на летови, кои имаат исклучително тешка задача и од нивната прецизност зависи дали ќе имаме мирно небо. Пари разговараше со некои од вработените коишто ни објаснија дека во темната просторија светкаат само мониторите на кои се гледаат авионите на небото. Контролите на летот, пак, цело време ги следат и комуницираат преку отворената линија. Тие имаат и посебен режим на работа, 30 минути работат, па 30 минути седат во просторија за приспособување на светлината, затоа што очите мора да им бидат постојано одморени.
Просечниот број на вработени во М-НАВ минатата година бил 309, а просечната нето-плата изнесувала 170.155 денари, и била за 12,55 насто повисока отколку во 2023 година.
Извор: Бизнис Мрежа
Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија најави штрајк, но на крајот од минатата недела го стави во мирување. Претседателот на синдикатот, Александар Тасевски, изјави дека барањата на синдикатот се придвижуваат, одобрено е барањето за вработување контролори и за спроведување функционална анализа којашто треба да определи кои работни места и колкав број извршители се потребни.
Последниот потрес во М-НАВ е прекинот на комуникацијата со радарот што обезбедува навигација при слетување на авион. Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, изјави дека производителот дозволил пристап и ќе се спроведе онлајн детектирање на проблемот кај еден од радарите, но не можеше да прецизира до кога авионите ќе слетуваат без радар, што како последица има зголемено времетраење на летот и финансиски ги оптоварува авиокомпаниите, но внесува и немир кај патниците.
„М-НАВ ги применува соодветните процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони коишто можат да се опслужат за еден час“, изјави директорот на М-НАВ Владимир Ристески.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска