ПОВЕЌЕ

    Институтот на сметководители и овластени сметководители и Македонската берза потпишаа Меморандум за соработка

    Време зa читање: 3 минути

    Унапредување на соработката во работењето од својот делокруг, како и размена на податоци и искуства меѓу двете институции во имплементација на Меѓународните сметководствени стандарди, е главната цел која треба да се постигне со Меморандумот за соработка меѓу Македонската Берза за хартии од вредност и Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), што денеска го потпишаа главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев и претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

    Меморандумот предвидува континуирана размена на податоци и информации меѓу двете институции, продлабочена билатерна соработка, организирање заеднички обуки за подобрување и усовршување на институционалните капацитети, размена на знаења и искуства, анализа на податоци и други видови анализи, размена на знаења и искуства во имплементацијата на Меѓународните сметководствени стандарди, како и реализација на едукативни, промотивни настани и специјализирани обуки, работилници и конференции на теми од заеднички интерес.

    „Македонската Берза за хартии од вредност постојано се залага за унапредување на транспарентноста, отчетноста и примената на меѓународните стандарди во функционирањето на пазарот на капитал. Потпишувањето на овој Меморандум создава рамка за подлабока институционална соработка со ИСОС за размена на податоци и експертиза. Веруваме дека преку заеднички активности ќе придонесеме за повисок квалитет на финансиското известување и поголема доверба на инвеститорите и компаниите во пазарот на капитал“, изјави главниот извршен директор на Македонската Берза, Иван Штериев.

    Поздравувајќи го потпишувањето на Меморандумот, претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, истакна: „ИСОС континуирано работи на зајакнување на професионалните капацитети на сметководителите, како и на усогласена примена на меѓународните стандарди. Со овој Меморандум воспоставуваме системска основа за размена на знаења и практики со Берзата, што ќе придонесе кон подобар квалитет на финансиското известување и зголемена отчетност. Убедена сум дека ваквите заеднички иницијативи ќе донесат долгорочни придобивки за професијата, како и поголема конкурентност на националната економија“.

    Во рамките на овој Меморандум, Македонската Берза и ИСОС ќе реализираат и соработка при организацијата на еден дел од 24-та Годишна конференција на Берзата, којашто ќе се одржи од 25 до 27 септември во Охрид. Двете институции ќе соработуваат околу подготовката, реализацијата и логистичката поддршка на панелот со наслов „Пред и после 2025-та – влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување и ревизија“, кој ќе се одржи на вториот конференциски ден. Модератор на овој панел ќе биде претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично