Македонската економија и во услови на глобална неизвесност го зачувува кредибилитетот кај меѓународните финансиски пазари. Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ повторно ја оцени земјата со „BB+“ и стабилен изглед, испраќајќи јасен сигнал за стабилност на политиките и позитивни изгледи за понатамошен раст.
Во извештајот се истакнува дека долгорочната политика на фиксен девизен курс, доследните макроекономски стратегии и подобреното управување се меѓу главните фактори што ја одржуваат економската стабилност.
Податоците од првата половина на 2025 година ја потврдуваат таа слика – БДП порасна за 3,2%, главно благодарение на силната приватна потрошувачка и зголемениот извоз. „Фич“ прогнозира дека растот за целата година ќе биде исто 3,2%, а во периодот 2026–2027 просечно ќе достигне 3,4%, што е над потенцијалниот долгогодишен тренд од околу 3%.
Како дополнителен поттик се наведуваат големите инфраструктурни проекти, кои ќе создадат нови инвестиции и ќе ја зајакнат поврзаноста со европските пазари. Препознаена е и посветеноста на евроинтеграциите како клучно сидро за структурни реформи и институционално јакнење.
Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции во однос на рекордните 7% од БДП во 2024 година, причините се пред сè глобалната неизвесност во автомобилската индустрија и недостигот од квалификувана работна сила.
Во извештајот се нотира и одложената имплементација на Законот за буџети, но со очекување дека буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува, а јавниот долг ќе се стабилизира на ниво далеку под прагот од 60% од БДП на среден рок.
„Фич“ укажува дека предизвици на среден рок остануваат негативните демографски трендови и слабата продуктивност, кои ја ограничуваат динамиката на економскиот развој.
Сепак, потврдата на кредитниот рејтинг „BB+“ со стабилен изглед е важен показател за довербата на инвеститорите и за способноста на Македонија да ја задржи стабилноста. Одлуката се толкува и како охрабрување за продолжување со реформите, јакнење на фискалната дисциплина и унапредување на конкурентноста на економијата – со крајна цел подобар животен стандард за граѓаните и нови можности за развој.