ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I Марија Дуковска Павловска: Црната металургија е многу зелена, отпадот е вреден производ

    Време зa читање: 5 минути

    Кога станува збор за отпад, не треба да се помислува на нешто негативно, туку да треба да мислиме на вреден производ кој има понатамошна употреба. Севкупното работење претставува циркуларна економија и црната металургија, тешката индустрија во суштина се зелени, вели генералната директорка и извршен член на Одборот на директори на Макстил, Марија Дуковска Павловска.

    Сепак, оваа индустрија не е атрактивна за младите. Но ако почнат да се менуваат вредностите во општеството, можеби младите не би заминувале, нагласува таа во интервјуто за Пари за време на конференцијата „Бизнис лидер“, додавајќи дека лидерите во компаниите мора да водат сметка за тоа како нивното однесување се одразува не само врз колективот, туку и врз пошироката заедница.

    Пари: Како генерална директорка на Макстил, што значи за Вас учеството на конференцијата „Бизнис Лидер“, од аспект на промовирањето на металургијата?

    Дуковска Павловска: Голем дел од луѓето што беа присутни, учесниците на оваа конференција не се во детали доволно запознаени со типот на индустријата. Дека црната металургија, тешката индустрија е всушност многу зелена и дека целокупното работење претставува една циркуларна економија, каде што многу мал дел од производството излегува како отпад. Дека најголем дел се производи коишто се користат како репроматеријали во друга индустрија. Мислам дека денешното говорење на оваа тема придонесе целиот овој концепт да се доближи до многумина,  кои не се во секојдневна интеракција со луѓето коишто се во овој сектор.

    Пари: Макстил е препознатлив како лидер во металуршката индустрија и успева да остане конкурентен и на домашниот и на странските пазари и покрај предизвиците. Колку успехот зависи од визијата и од капацитетот на менаџерскиот тим, а колку од поддршката на институциите и деловното опкружување?

    Дуковска Павловска: Прилично предизвикувачки е да се одговори на ова, пред сѐ имајќи предвид дека нашиот производ е берзански, односно цената на металите се одредува на берза. Но, она што сакам да го нагласам, се всушност интерните капацитети на луѓето кои долги години работат во оваа индустрија, работат во Макстил, ги знаат процесите во „мал прст“ да кажам. Мислам дека се тие клучниот фактор за успехот на компанијата. Од околината, односно институциите, може да очекуваме само поддршка. Би требало повеќе да имаат слух за бизнис потребите и за аспектите на бизнисот. Но, сепак, мислам дека она што ја движи компанијата напред, е всушност тимот кој долги години работи таму. Секако, дел од тимот е и нов, кои се дојдени и носат едно друго корпоративно искуство во рамките на Макстил. За да ја направиме Макстил навистина светска компанија. Мислам дека се клучни луѓето внатре, старите со знаењето, новите со различното искуство, за да бидеме уште подобри од она што сме.

    Пари: Го реализиравте првиот проект за циркуларна економија и како прва компанија во земјава започнавте со јавно објавување на податоци за емисиите во воздухот. Дали со овој пример ја отворивте вратата и за другите компании? И што сметате дека треба дополнително да се преземе, особено имајќи го предвид периодот што претстои?

    Дуковска Павловска: Верувам дека со транспарентноста и објавувањето на податоците за емисии на цврсти честички и со промовирањето на сите активности што ги правиме во рамките на циркуларната економија, да бидеме зелени, дека имаме зелен челик, мислам дека служиме како мотиватори. Ќе покренеме тоа да го препознаат и други компании и ќе почнат да ги промовираат своите практики. Не сме ние единствени, слушнавме многу добри примери во рамките на „Бизнис Лидер“ конференцијата и мислам дека треба малку повеќе да се зборува и за компаниите кои навистина водат грижа за животната средина. И кога станува збор за отпад, да не мислиме на нешто негативно, туку да мислиме на вреден производ кој има понатамошна употреба.

    Пари: Многу млади луѓе ја гледаат својата иднина надвор од земјава, но Макстил често истакнува успешни примери на студенти кои кариерата ја градат тука. Како ја гледате улогата на компанијата во задржувањето на младите и кој е Вашиот совет за идните претприемачи?

    Дуковска Павловска: Прашање на кое многу работиме. Не е едноставно да се направи сѐ. Она што можеме да го направиме како компанија, поточно да понудиме и услови на вработените, да понудиме услови и на новите вработени коишто доаѓаат, даваме стипендии за Технолошко-металуршки факултет, повторно група ќе имаме оваа година. Многу ми е жал што морам да кажам дека студентите не се заинтересирани. И покрај стипендиите и она што го нудиме како редовна пракса после тоа, не постои голем интерес за посетување на Технолошко-металуршкиот факултет. Сега со нив сме во фаза на развивање програма којашто би била покуса, меѓутоа дополнително ќе ја промовираме. Жално е што во голем дел оние што си заминуваат, си заминуваат можеби заради условите во самиот систем, не од она што е во рамките на компанијата. Затоа што како и ние, верувам и добар дел други компании даваат сѐ од себе за да ги задржат вработените и да привлечат нови луѓе. Посебно млади луѓе. Мора да бидеме реални, не е ова атрактивна индустрија за младите. Но, ако почнеме да ги менуваме вредностите врз база на кои работиме, ако ние како лидери почнеме да гледаме како сѐ влијае нашето однесување не само на тимот со којшто работиме и на организацијата во којашто делуваме, туку и на општеството во коешто живееме, можеби кога таму ќе почнат да се менуваат работите, ќе сакаат и младите да останат. Да веруваат во подобра иднина, во едно подобро утре тука, во Македонија.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично