Германскиот автомобилски гигант „Мерцедес-Бенц“ стои пред драматична промена што веќе предизвикува силни реакции – компанијата најави дека до крајот на 2029 година ќе го затвори производствениот погон во Лудвигсфелде, близу Берлин, и ќе го пресели производството на електричната верзија на своето најпродавано комбе за достава, е-Спринтер, во Полска. Овој потег, според полските медиуми, е воден од високите трошоци за работна сила во Германија, кои се дури пет пати повисоки од оние кај источниот сосед.
Фабриката во Лудвигсфелде повеќе од три децении е столб на индустријата во покраината Бранденбург, каде што над 2.200 работници секоја година произведуваат околу 60.000 специјализирани варијанти на „Спринтер“ и електрични возила. Сепак, нејзиното постепено гаснење предизвикува огорченост кај синдикатите и локалните власти. Од IG Metall, најголемиот германски синдикат, веќе најавија протести и остро ја осудија одлуката како неприфатлива, предупредувајќи на тешки последици за работниците и регионот.
Од друга страна, Полска ја гледа ваквата трансфер на производство како потврда на својот сè посилен подем во европската автоиндустрија. Земјата веќе е втор најголем производител на батерии за електрични возила во светот, веднаш по Кина, и со новата инвестиција на „Мерцедес“ го зацврстува своето место на картата на зелената мобилност. Новата фабрика ќе се гради во Јавор, во југозападна Полска, каде што компанијата уште од 2019 година произведува мотори и батерии за хибридни автомобили.
Инвестицијата вредна 1,528 милијарди злоти, односно околу 360 милиони евра, ќе донесе најмалку 300 нови работни места до 2027 година, од кои 30 ќе бидат наменети за лица со високо образование. Така, додека Лудвигсфелде брои наназад кон крајот на една индустриска ера, Јавор се подготвува да стане новото европско срце на електричниот „Спринтер“.