Куманово се развива, а Владата ќе обезбеди 700 илјади евра за реконструкцијата на најстариот спортски комплекс „Соколана“, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој денес е во посета на Општина Куманово.
Проектот за целосно возобновување на објектот и за негово враќање во првобитната положба, е веќе изработен, „Останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект“, нагласи Мицкоски.
Како што информираше, досега од централниот буџет за кумановските проекти се дадени од 11 до 12 милиони евра, за што вели дека е значајно, „бидејќи досега такво нешто во општините не се случувало“. Капиталните инвестиции се насочени кон обезбедување подобри услови за живот на кумановци.
Мицкоски потенцираше дека дел од проектите во општините што се финансирани преку унгарската кредитна линија веќе се отпочнати и завршени, дел се во тек на реализација, а дел допрва ќе отпочнат.
Воедно, тој му честита на градоначалникот за досега одработеното.
„Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој“, рече Мицкоски.