Денес во Скопје се одржува првата конференција „Бизнис лидер“, која обединува влијателните и успешни лидери и претприемачи од различни индустрии. Главна тема на конференцијата е „Обликување на иднината: Лидерство во ерата на трансформација“.
Конференцијата ќе ја отвори министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Според програмата, во текот на денот ќе говорат меѓународни експерти, а ќе се одржат и четири панел дискусии: „Финансиски партнери или само кредитори? Новата улога на банките во екосистемот на МСП“; „Лидерство во време на криза“; „Финтек револуција и иднината на финансиите“; „Градење на организациска култура прилагодлива на промени“.
Исто така, на конференцијата, од страна на основачот и извршен директор на Бизнис Мрежа, Огнен Огненоски, ќе биде презентира макроекономската анализа на македонското стопанство за 2024 година.
Според организаторите, целта на конференцијата е да создаде уникатна платформа за размена на идеи и иновации, да понуди можност за споделување на најновите деловни трендови и успешни примери од пракса, и да дефинира стратешки насоки кои ќе го поттикнат растот и развојот на македонскиот бизнис сектор.
Организатор на настанот е компанијата Евентика, во соработка со Бизнис Мрежа и Пиксел, како Платинум партнери. Златен партнер е Пари, сребрени партнери се Млакара АД Битола, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Зегин, Гранд кафе и Смарт клик, а бронзени партнери се Шпаркасе банка, Delight Office Solution и Бадел.