ПОВЕЌЕ

    Производството во Макпрогрес продолжува: Винчини производите со намалени цени

    Време зa читање: 3 минути

    Од понеделник (15 септември), Макпрогрес продолжува со производство во капацитетите што не беа зафатени со минатонеделниот пожар, најави менаџментот. За нормализацијата на состојбите се информира во официјалната изјава, при што се нагласува дека повредените кои беа хоспитализирани се веќе дома и се чувствуваат добро. Во болница е еден пожарникар, кој исто така е во добра состојба и се следи од здравствените служби и од тимот за грижа на Макпрогрес.

    Во санирањето на последиците од пожарот, во кој изгоре погон со три современи производни линии учествуваат кризниот штаб и сите вработени.

    „Нашиот кризен штаб ги прави сите неопходни активности за од понеделник 15.09.2025 година сите останати фабричките капацитети, освен опожарените, да бидат пуштени во редовна работа. Ја информираме јавноста дека успеавме да се реорганизираме со производните можности и дека од следната недела сите наши производи ќе ги има во достапни количини, освен категориите Наполитан вафли и вафел барови Премиер, Вафрета и Алми за кои сѐ уште бараме можности како најбрзо би можеле да ги вративме во производство и на пазарите“, се вели во изјавата на Глигор Цветанов и Александар Цветанов.

    Освен тоа, наведуваат дека веќе се почнати преговори за набавка на машини и опрема од светски реномирани производители. Со тоа ќе се обноват фабричките капацитети.

    Исто така, информираат дека во малопродажбата производите од брендот Винчини ќе се продаваат по пониски цени.

    „Извршивме трајно намалување од 10% на цените на 114 производи од брендовите Роки Винчини, Сончева Долина, Натура и Фантазија, како и акциско намалување на 12 производи од Винчини во висина од 10% за време на месец септември. Во следниве денови ова намалување треба да биде видливо во малопродажната мрежа. За Макпрогрес периодот што следи е период на опстанок на работните места и овие намалувања на цените се придонес кон вработените и нашите потрошувачи кои ни ја даваат неизмерната поддршка“, посочуваат од менаџментот.

    Притоа, изразуваат благодарност кон јавноста за повиците и иницијативите на социјалните мрежи за поддршка на компанијата преку купување на нивните производи. Исто така, ја нагласуваат и „огромната поддршка од Стопанската Комора, нашите клиенти, соработници, партнери и целата бизнис заедница, како и владата и повеќето институции“. Како што велат, тој амбиент на поддршка е силно мотивирачки „да опстоиме во намерите да ја подигнеме Винчини во уште помодерна и поуспешна домашна индустрија“.

    Затоа, најавуваат, кон крајот на месецов Макпрогрес ќе организира настан за благодарност и солидарност, при што ќе им се одаде признание на „сите херои инволвирани во интервенцијата за гасење на пожарот“. 

    Во меѓувреме, надлежните институции интензивно работат на проценките за причините и последиците од пожарот. Од Макпрогрес апелираат да се почека на официјалните известувања од надлежните органи.

    .

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично