ПОВЕЌЕ

    ЛЕСНО СЕ ПОСЕГНУВА ПО КАРТИЧКА, Македонците низ светот оставиле 666 милиони евра

    Време зa читање: 6 минути

    Македонските граѓани низ светот со платежни картички потрошиле 666,7 милиони евра во 2024 година. Податоците коишто ги прикажуваат Македонците како сериозни трошаџии се од платежната статистика на Народната банка, која дава слика за тоа каде и како тие располагаат со своите пари: кеш од банкомати најмногу се повлекува во Словенија; и по бројност и по вредност водечки се трансакциите направени во Германија; во соседството, парите одат во Србија… Има уште многу интересни показатели, опфатени во анализата на порталот Пари.

    На патувања или од дома, во текот на минатата година, со платежните картички издадени во земјава биле направени 19.320.222 трансакции, распоредени во 47 држави наведени со име, а како 48 земја во табелата на НБРСМ е остатокот од светот. Вкупната вредност на сите тие активности е 41.000.747.335 денари (666,7 милиони евра).

    Споредено со претходната, 2023 година, вкупниот број на трансакции е зголемен за 20,21 насто. Најголемото влијание произлегува од плаќањата во е-трговијата, каде што годишната промена е за високи 61,38 насто. Раст има и кај плаќањата на ПОС-терминалите во странските земји (+ 4,10 %). Веројатно поради банкарските провизии, кога се некаде низ светот, граѓаните полека отстапуваат од кешот повлечен од банкоматите (− 8,25 %).

    Преклани, употребата на картичките чинела вкупни 573,4 милиони евра, што значи дека лани биле потрошени за 16,23 насто повеќе пари. Во апсолутен износ, тоа се дополнителни 93,2 милиони евра. Поради заобиколувањето на АТМ-уредите, повлечената готовина има низок раст од 2,62 насто, но сепак, износот е висок, 32,4 милиони евра. Вкупната сума на ПОС-терминалите е речиси 350 милиони евра, но разликата од 2023 до 2024 година е минимална (+ 1,05 %). Затоа, пак, додадените 45,35 насто кај плаќањата во е-трговијата, кажуваат дека граѓаните сѐ повеќе се насочуваат кон онлајн купување: во 2023 година вредноста била 195,6 милиони, а во 2024 година е надградена со дополнителни 88,8 милиони евра.

    КЕШ НАЈМНОГУ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД БАНКОМАТИТЕ ВО СЛОВЕНИЈА

    И покрај предностите на безготовинските плаќања, пожелно е хартиените банкноти да се прирака. Потребата за готовина на нашите сограѓани е најизразена во Словенија (близу 4,4 милиони евра), која е на врвот од петте земји каде што лани се подигнати најголеми износи, повисоки од 100 милиони денари, односно од 1,6 милиони евра. Тоа може да се поврзе со сѐ поголемиот број млади коишто студираат на словенечките факултети. Следуваат Грција (3,38 милиони), Србија (3,27 милиони), Германија (3,17 милиони) и Турција (1,7 милиони).

    ВО ПРОДАВНИЦИТЕ НИЗ ГЕРМАНИЈА СО КАРТИЧКИ СЕ ИСПЛАТЕНИ 65,7 МИЛИОНИ ЕВРА

    Бројките поврзани со плаќањата на самото место го потврдуваат тоа што веќе се знае: најчесто се патува во соседството, а водечката улога ја има подалечна земја ‒ Германија, каде што живеат и работат добар дел од македонските граѓани. Во тамошната малопродажна мрежа, преку македонски картички лани се оставени 65,7 милиони евра. Во Србија, пак, се потрошени 46,9 милиони евра. Иако трета, со износот од 19,1 милион евра заостанува Бугарија, зад која се Грција (18,2 милиони) и Турција (17,5 милиони евра).

    ХОЛАНДИЈА ГЛАВНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ОНЛАЈН КУПУВАЊАТА

    Електронската трговија бележи најголем раст. Во 2024 година, преку интернет се реализирани купувања од над 284 милиони евра, главно насочени кон западноевропски земји, најмногу кон Холандија (41,9 милиони евра) и Обединетото Кралство (40,7 милиони). Онлајн се купувало и од Ирска (33,7 милиони), Унгарија (26,2 милиони), САД (21,7 милиони евра), како и од остатокот од светот (16,6 милиони).

    ПО БРОЈОТ НА ТРАНСАКЦИИ САД СЕ НА ВТОРОТО МЕСТО

    Кога се анализира бројноста, најмногу трансакции со македонски картички во странство се реализирани во Германија – 2,06 милиони. Можеби изгледа малку чудно, но веднаш потоа се САД со 1,91 милион. Високи бројки се забележани и во Ирска, 1,88 милиони трансакции, во Србија (1,72 милиони) и Обединетото Кралство (1,5 милиони). А, тука некаде, со повеќе од еден милион трансакции се и Холандија и Луксембург.

    ВО ОСУМ ДРЖАВИ ИМА ПЛАЌАЊА ОД НАД 16,3 МИЛИОНИ ЕВРА

    И според вредноста од над 78 милиони евра доминираат трансакциите направени на германската територија. Всушност, износите што го надминуваат прагот од една милијарда денари или 16,3 милиони евра, се евидентирани во осум држави и во остатокот од светот. Тука се Холандија (56 милиони), Србија (53,5 милиони) и Обединетото Кралство (52,4 милиони евра). Како пазари значајни за македонската потрошувачка се издвојуваат и Ирска (42,5 милиони) и САД (34,6 милиони).

    ОД СОСЕДИТЕ – СРБИЈА БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА

    Нашите граѓани секојдневно претрчуваат до соседството, да пазарат, да прошетаат, да одморат… Најголемите трошења во соседните земји со примена на картичките, лани се направени во Србија. И со регистрираните 1.724.387 трансакции и со износот од 53,5 милиони евра е далеку пред останатите, вклучувајќи ја и Грција, која е второрангирана со 35,6 милиони евра од 751.712 трансакции. Најмалубројни се картичните трансакции во Албанија (210.796), а најнискиот износ потрошен во соседството, од скоро седум милиони евра, е во Косово.

    Податоците за 2024 година јасно ја покажуваат промената во навиките. Кога се во странство, Македонците ги преферираат дигиталните канали и плаќањата со картички. Освен тоа, во експанзија се и онлајн купувањата. Безготовинските плаќања имаат многу предности, а една од нив е моменталното чувство – кога се плаќа со картичка, како да се трошат туѓи, а не свои пари.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично