ПОВЕЌЕ

    ТЕКСТИЛЦИТЕ ШТЕПУВААТ ВО РИКВЕРЦ – Лани се топеле приходите и добивките

    Време зa читање: 5 минути

    Во текстилниот сектор алармот е пуштен на најјако. Се отпуштаат работници, се затвораат фирми, па дури и без збор, работниците наидуваат на затворена врата на фабричка хала. Со години веќе македонскиот пазар за лон производство ја губи битката со пазарите од Блискиот Исток, каде што работната рака е значително поевтина. Експертите објаснуваат дека ова е природен процес, затоа што како што една земја се развива, така трудоинтензивните гранки го губат своето место во структурата на стопанството. Сепак, текстилната индустрија сè уште учествува со над 10 насто во индустриското производство.

    Анализата што ја направи Пари во соработка со БизнисМрежа јасно покажува дека уште лани, приходите и добивките на компаниите биле пониски отколку во 2023 година. Вкупните приходи на текстилниот сектор биле 179,7 милиони евра и се пониски во однос на 2023 година, кога биле 186,6 милиони евра. Секторoт за една година загубил промет од 6,9 милиони евра и покрај тоа што некои компании веројатно успеале да добијат и повисоки цени зa договореното производство. Нето-добивката што ја оствариле овие компании во 2024 година била безмалку 10 милиони евра, што е помалку отколку во 2023 година, кога таа била 12,5 милиони евра. Или, лани во однос на преклани компаниите од текстилниот сектор направиле помал профит за 2,5 милиони евра.

    Текстилен сектор во 2024 и во 2023 година (милиони евра)

    Извор: Бизнис мрежа

    Сепак, не биле сите фирми со намален промет или добивка. Во друштвото на ТОП 10 најголеми по приход, раст на приходи имаат забележано прилепската КОМФИ-АНГЕЛ (4,5 %), ТЕХНИКАЛ ТЕКСТАЈЛС од Штип (1,8 %), ИННАЦО МАК ДОО од прилепско Ново Лагово (2,9 %) , Друштво за производство на предиво и конец ВЕТЕКС АД Велес (13,4 %) и ФРОТИРКА-КОМПАНИ АД Делчево (9,9 %).

    Пет компании имаат намален приход. Станува збор за Друштво за производство АДИЕНТ СЕАТИНГ ДООЕЛ Штип (‒ 1,9 %), АДИЕНТ АУТОМОТИВЕ ДООЕЛ Струмица (‒ 8,4 %), Г.С.ТЕКСТИЛ ДОО експорт-импорт с. Василево, Василево (‒ 15,1 %), ЛУТЕКС ДОО ВЕЛЕС (‒ 9,7 %).

    Како што може да се забележи, во групата со намалени приходи се и двете фирми на Адиент (поранешна Џонсон контролс), која има две фабрики коишто се занимаваат со производство на навлаки за автомобили.

    ВО 10 ФИРМИ Е СОБРАН РЕЧИСИ ЦЕЛИОТ ПРОМЕТ ОД СЕКТОРОТ

    Десетте најголеми компании по приход оствариле вкупен промет од речиси 150 милиони евра, или 83,4 насто од вкупниот промет во секторот. Овие компании оствариле вкупна добивка од околу 8,3 милиони евра.

    ТОП 10 фирми по приход, нивни добивки и просечни плати (во евра)

    Извор: Бизнис мрежа

    НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА НАПРАВИЛ ШТИПСКИОТ ТЕХНИКАЛ ТЕКСТАЈЛС, СЕКОЈ ПЕТТИ ДЕНАР МУ СЕ ПОЗЛАТИЛ

    Првите 7 компании во ТОП 10 по приходи се и на листата на најголеми компании по добивка, но не по истиот редослед.

    Шампион по добивка во текстилниот сектор е ТЕХНИКАЛ ТЕКСТАЈЛС ‒ Штип со направен профит од дури 4,2 милиони евра. Оваа компанија има и висока профитна маржа (учество на добивката во приходите) од дури 19,4 насто, или секој петти денар им се позлатил. Техникал текстајлс ДООЕЛ Штип произведува изолациони материјали за градежната, автомобилската и авионската индустрија.

    Меѓу десетте најголеми компании по добивка се и прилепскиот ТЕКС СОЛУШН АС, СКК ‒ ЦАПАРИ КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ од битолското село Цапари и ДРЕНИК М ДООЕЛ од Скопје.

    Не се најголеми по приход, но се меѓу ТОП 10 најголеми по добивка (во евра)

    Извор: Бизнис мрежа

    ПЛАТИТЕ СЕ ДАЛЕКУ ПОВИСОКИ ОД ПОРАНО

    Текстилниот сектор се карактеризираше со најниски плати. Дури и кога се воведе минималната плата во 2012 година, таа во текстилниот сектор беше пониска од сите други дејности. Така, тогашниот минималец кај текстилците изнесуваше 6.263 денари! И денеска во секторот има ниски плати, но работодавците велат дека тие се поголеми од минималецот, кој за годинава изнесува 24.379 денари.

    Според анализата на Пари, кај десетте најголеми работодавачи просечните плати се движеле од 27.665 до 42.491 денари.

    ТОП 10 најголеми работодавачи во текстилниот сектор во 2024 година

    Извор: Бизнис мрежа

    Според податоците од Бизнис мрежа, не постои фирма од најголемите работодавачи во која просечната плата е намалена, или останала иста во 2024 година во однос на 2023 година. Зголемувањата се различни, но неретко и двоцифрени. Од друга страна, бројот на вработени се намалил. Така, вкупниот број на вработени кај десетте најголеми работодавачи во 2024 година бил 4.371, а во 2023 година кај истите тие работодавачи имало 4.466 вработени, односно 95 луѓе плус.

    И овие податоци се уште една потврда низ бројки дека платите во секторот растат и стануваат помалку примамливи за светските брендови коишто постојано се во потрага по евтини шивачи. Глобалниот статистички портал Статиста објави дека Пакистан и Бангладеш, кои се втор најголем извозник на облека во светот зад Кина, имаат едни од најниските плати во глобалната текстилна индустрија, со плати во производството во просек помеѓу 135 и 140 долари месечно во овие две земји, според најновите достапни податоци.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично