ПОВЕЌЕ

    Почнува примената на Законот за возила: Од 1 септември побрзи и поевтини процедури

    Време зa читање: 3 минути

    На први септември стартуваат нови правила во постапките за одобрување возила. Конечно ќе почне примената на Законот за возила согласно европските стандарди, донесен пред 17 години. Процедурите ќе бидат побрзи и поевтини, а ги опфаќаат одобрувањата на типот на возило, единечното одобрување на возило, идентификацијата и оцената на техничката состојба и издавањето потврди за исполнетост на техничките барања за возилата.

    Промените се резултат на детални анализи и обезбедуваат поедноставен, транспарентен и ефикасен систем, кој гарантира доверба меѓу институциите, импортерите и граѓаните. Измените ги презентираше професорот Дарко Данев, на денешниот состанок во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на кои присуствуваа повеќе од 40 овластени застапници и импортери на возила, министерката Сања Божиновска, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, како и претставници на Бирото за метрологија и на Царината.

    „Го зајакнуваме системот на доверба меѓу институциите и импортерите, со јасни правила и навремена услуга за граѓаните. Ова е значаен чекор за приближување кон европските стандарди и подобрување на квалитетот на услугата која ја добиваат нашите граѓани“, изјави Божиновска.

    Меѓу клучните промени во постапките за одобрување на возила се наведува дека се однесува на одобрување на типот на возилото за сите негови варијанти и изведби според WVTA документот, освен ако импортерот не побара поинаку. Потоа, единечно одобрување ќе се врши исклучиво за возила за кои не е одобрен типот во земјава и немаат одобрение за тип во ЕУ преку Биро за метрологија. За возилата со претходно одобрен тип ќе нема потреба од посебна постапка за единечно одобрување и директно одат во постапка за идентификација и оцена на техничката состојба. Исто така, се посочува дека увозниците имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила за кои постои европско одобрение на тип (WVTA) или национално одобрување на тип. За останатите возила импортерите немаат обврска да ги издаваат потврдите, односно ваквите возила ќе обезбедуваат потврди од независни институции прифатени од Бирото за метрологија.

    Притоа, наведено е дека според груба пресметка е утврдено дека 1,3 милиони евра досега годишно оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат. Најголемиот дел од средствата завршувале кај странски компании. Процесот сега ќе се регулира преку овластените застапници, домашни македонски компании.

    Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе бидат скратени двојно, за побрза и поефикасна постапка. А, цените на услугите од Бирото ќе се регулираат со нов правилник. Потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат 40-50 евра.

    Од Министерството нагласуваат дека соработката со застапниците е клучна за успешна примена на Законот и изграден функционален систем на доверба.

    „Градиме партнерски однос со импортерите како клучен елемент во процесот на усогласување со европските стандарди. Граѓаните треба да се чувствуваат заштитени и поддржани при секоја постапка за одобрување на возила“, истакна министерката Божиновска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично