Роковите за јулските обврски завршија, но илјадници компании сè уште не платиле даноци и придонеси. Управата за јавни приходи алармира дека 2.129 даночни обврзници не ја уплатиле месечната аконтација за данок на добивка, а дури 11.555 фирми не исплатиле плати со придонеси за истиот месец.
Иако дел од долговите може да се порамнат преку пребивање со даночни побарувања, тоа велат од УЈП, „не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“.
Вчера до сите должници биле испратени персонализирани известувања со јасна порака – да се плати веднаш. Од УЈП потсетуваат дека овие средства не се само бројки, туку пари што обезбедуваат редовно финансирање на здравството, образованието и социјалната сигурност.
„Во следните денови ќе бидат преземени законските мерки за присилна наплата“, предупредуваат од Управата за јавни приходи.