ПОВЕЌЕ

    Четири пати до кеш без страв од провизија: Национална мрежа на банкомати до крајот на 2026 година

    Време зa читање: 3 минути

    Народната банка предлага нова мерка со којашто граѓаните би можеле да подигнуваат пари без провизија — до четири бесплатни трансакции месечно од банкомати на други банки. Со лимит од 2.000 денари по трансакција. Гувернерот Трајко Славески истакна дека целта е обезбедување рамноправен пристап до готовина, без разлика во која банка е отворена сметката. Поради недоволната бројност на банкоматите и нивната нерамномерна поставеност низ државата, ќе се создаде и национална мрежа од овие уреди. На тој начин ќе се надминат инфраструктурните празнини. Идејата треба целосно да се реализира до крајот на идната година.

    „Готовината и понатаму ќе ја користи мнозинството граѓани, иако во помал обем. Препорачливо е дома да се има готовина за основните потреби за период од барем неколку дена до недела“, напиша Славески на социјалната мрежа X. Според него, приврзаниците на кешот ја истакнуваат неговата анонимност и слобода, а тоа вели – е став кој треба да се почитува.

    Како што посочува гувернерот, за основа во развојот на националната мрежа од банкомати ќе се користи постојната банкарска инфраструктура. Која ќе се надгради и оптимизира во интерес и на граѓаните и на самите банки.

    Овој концепт, кој е во согласност со современите европски практики, се воспоставува во земјите од регионот. Во Хрватска е предвидено граѓаните да подигнуваат пари без провизија од било кој банкомат, два пати во месецот. Износот не е лимитиран. А, кога ќе се воспостави националната мрежа од банкомати, тогаш ќе нема ограничувања ниту во бројот на трансакциите.

    Во Србија, граѓаните имаат позитивно искуство со банкоматите на Пошта Србије. Од нив може да се подигне кеш или да се провери состојбата со картичките Dina, Visa, MasterCard, Maestro и Unionpay. За услугите не се наплатува провизија, односно трошоците може да ги наплати само банката издавач на картичката.

    Според податоците од Грција, тамошниот парламентот неодамна усвоил закон со кој се елиминираат провизиите при подигнување од ATM-уредите на други банки членки на DIAS-системот. За останатите банкомати е воведена провизија која може да оди до максимални 1,5 евра.

    Во Босна и Херцеговина е воспоставена интербанкарска мрежа. На тој начин е овозможено бесплатно подигнување готовина од над 220 банкомати поврзани во БХ Мрежа.

    Инаку, оваа практика е одамна востановена во Финска. Од сите банкомати во состав на Otto мрежата граѓаните бесплатно повлекуваат готовина со картичките издадени од финските банки. За картичките од странски банки операторот пресметува надомест, но процентот се прикажува на екранот пред да се продолжи со трансакцијата.

    Сличен е примерот со германскиот Cash Group, сочинет од банкоматите на четири големи банки. Членките меѓу себе не наплатуваат провизија кога нивните клиентите повлекуваат пари од банкоматите. Оваа мрежа обезбедува пристап до повеќе од седум илјади банкомати.

    Доколку овој систем се изгради и кај нас, тоа ќе биде големо олеснување за граѓаните. Освен што ќе добијат можност за одреден број бесплатни трансакции, кога ќе имаат потреба од кеш, нема да мора да бараат банкомати од банката што ја издала картичката. Услугата ќе можат да ја добијат на најблискиот АТМ-уред.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично