ПОВЕЌЕ

    ПРИТИСНАТ ОД ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП, Епл „доброволно“ најави дополнителни 100 милијарди долари инвестиции на домашен терен

    Време зa читање: 3 минути

    Откако американскиот претседател Доналд Трамп му упати директна закана дека ќе стане жртва на високи увозни царини, Apple ги зголемува ветените инвестиции во САД од 500 на 600 милијарди долари во текот на следните четири години.

    Тоа значи дека уште 100 милијарди долари се додадени на почетните најавени 500, кои треба бидат инвестирани во проширување на производствените капацитети и вертикалната интеграција на синџирите на снабдување.

    На тој начин уште повеќе компоненти од производите на Apple ќе бидат „произведени во САД“, што беше и барањето на Трамп.

    По иницијативата (да не ги спомнуваме притисоците и заканите за царини) на Доналд Трамп и неговата администрација, Apple, како голема американска компанија горда на своето наследство, се обврза во февруари да инвестира 500 милијарди долари во домашно производство . За потоа, оваа, една од најголемите корпоративни инвестиции во историјата на САД да биде дополнително „задебелена“ со уште 100 милијарди долари, што беше објавено за време на официјалната посета на Тим Кук на Белата куќа.

    ПРОШИРУВАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ КАПАЦИТЕТИ

    Најавените 600 милијарди долари ќе бидат инвестирани во производствени процеси, соработка со домашни добавувачи и вертикална интеграција на синџирите на снабдување. Најновото проширување на тој план вклучува десет компании кои произведуваат компоненти за производите на Apple. Инвестициите ќе доведат до вработување на околу 20 илјади дополнителни работници низ САД во текот на четири години, од кои огромното мнозинство ќе бидат во доменот на истражување и развој, полупроводници, развој на софтвер и, секако, вештачка интелигенција.

    Новата програма за проширување на списокот на добавувачи и локално набавени компоненти ќе го вклучи Corning, кој се обврза да произведува 100% од стаклото за уредите на Apple (iPhone и Apple Watch) во САД. Меѓу „победниците“ е Samsung, кој ќе соработува со Apple во неговата нова фабрика во Тексас на нов процес на производство на чипови, кој никој во светот сè уште не го користи.

    Понатаму, Coherent ќе произведува ласерски читачи за Face ID во Тексас, MP Materials ќе снабдува ретки земни метали и магнети, GlobalWafers ќе произведува чип-плочки, а Applied Materials, Texas Instruments, TSMC, Broadcom и GlobalFoundries исто така ќе го добијат својот дел од колачот во процесот на производство на полупроводнички чипови за Apple. Инвестициите ќе резултираат со лансирање на нови фабрики и производствени линии, односно враќање на одредени делови од производството од странство на домашна почва, токму како што побара Трамп.

    По големата најава, Тим Кук се чини дека го доби она по што беше дошол – сето платено со дополнителната инвестиција од 100 милијарди долари и еден „ексклузивен“ подарок за Трамп. Во Овалната соба, тој на претседателот му подари парче стакло Corning со гравирана посвета и златна основа, сè во форма на плакета што ја слави американската домашна иницијатива. После тоа, Трамп рече дека компании како Apple, кои инвестираат во домашната економија, „ќе бидат третирани многу добро“. Ова значи дека Apple веројатно ќе биде ослободен од плаќање на неодамна објавените царини за увоз на полупроводници, кои треба да се наплаќаат по стапка од дури 100%.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично