Не е нужно да се оди на суд за да се побараат адвокатски услуги. Од нив има потреба во многу приватни и деловни ситуации, во секојдневното регулирање на правата и обврските. Развод, утврдување и оспорување татковство, поделба на имот, тестаменти, побарувања и долгови, основaње фирми, статусни промени, меѓукомпаниски спорови, одбрана во кривична постапка, мобинг и дискриминација на работно место, заштита на интелектуална сопственост…
Листата е долга. Работа за адвокатите има.
Адвокатската фела во земјава продолжува да прикажува солидни финансиски резултати. Во текот на минатата година, 76 адвокатски друштва оствариле вкупни приходи од 901,85 милиони денари, односно 14,66 милиони евра. Во споредба со претходната 2023 година, кога заедничкиот резултат бил 809,5 милиони денари (13,16 милиони евра), забележлив е раст од 11,41 насто.
Нивната заедничка добивка изнесува 184,7 милиони денари или над три милиони евра. Годишното зголемување е за 12,87 насто.
И, додека приходите и добивката растат, бројот на вработени се намалува. Од 410 во 2023 година на 398 лани, што е пад од 2,93 насто.
Порталот Пари во соработка со Бизнис Мрежа направи анализа на компаниите што се издвојуваат во три значајни сегменти. Проверете кои адвокатски друштва имаат свое место на листите за најголем приход, за највисок профит и за најголем работодавач.
САМО ЕДНО ДРУШТВО Е СО ПРИХОД ОД НАД МИЛИОН ЕВРА
Кај 10 од сите 76 адвокатски друштва се слеале речиси половина, поконкретно, 49,88 насто од вкупно реализираните приходи. Станува збор за сума од 7,3 милиони евра. Годишниот напредок е измерен со 18,3 насто, затоа што во 2023 година заедничкиот учинок бил близу 6,2 милиони евра.
Три друштва во ставката приход запишале минус. Најголемиот пад во прометот е за 21,39 отсто, но изразено со бројки, се работи за респектибилни половина милион евра.
Според растот на приходите за 177 насто и со износ поголем од 1,36 милиони евра, за апсолутен победник може да се прогласи друштвото Чукиќ и Марков. Една година порано, кај нив се зборувало за извршени услуги од 492 илјади евра. Ако кон ова се додаде дека бележат раст и во бројот на вработените, тогаш може да се смета дека ова адвокатско друштво направило сериозен организациски напредок.
Поленак, кое традиционално е меѓу водечките адвокатски друштва, во текот на ланското работење се соочило со пад на приходите за 11,8 насто. И покрај тоа, со реализацијата којашто е под прагот на еден милион евра, се позиционира на високото второ место.
ОСУМ ИЗВРШИТЕЛИ ИМААТ БРУТО-ДОБИВКИ од над 100.000 евра за една година!
Папазоски и Мишев ја зацврстуваат својата позиција со 887 илјади евра, што е раст од 12 насто, а бројната состојба на тимот е непроменета (13).
Стабилен е растот на адвокатското друштво Пепељугоски. Приходите се повисоки за 7,3 насто, а деловните активности донеле повеќе од 745 илјади евра. Сепак, во рангирањето е едно место подолу во однос на 2023 година.
Првата половина од оваа листа се заокружува со сумата од 715,6 илјади евра, инкасирана од ангажманот на адвокатите во друштвото Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска. Споредено со претходниот резултат, подобри се за 8,89 насто.
Во втората половина износите се движат од 560 илјади (Георгиевски) до 427 илјади евра (Тошиќ и Јевтиќ).
Извор: Бизнис Мрежа
КАКО ВО 2023, ТАКА И ВО 2024 ГОДИНА – ПЕПЕЉУГОСКИ СЕ НАЈПРОФИТАБИЛНИ
Речиси 60 насто (59,07 %) од вкупната добивка на споменатите 79 друштва, се распоредени кај десет адвокатски куќи. Тие лани имаат заедничка вкупна заработка од 1,77 милиони евра. Претходно, во 2023 година профитот бил 1,36 милиони евра. Тоа значи дека нивната профитабилност е зголемена за 30,43 насто.
Процентуалното зголемување би било повисоко ако четири друштва не забележале пад во добивката. Меѓу нив, најдлабок е минусот кај Поповски и партнери (‒22,70 %).
Кај сите други износите се со предзнак плус. Но, друштвото Чукиќ и Марков нема конкуренција со своите 434,51 насто. Добивката, која преклани им била 32 илјади евра, лани достигнала 172,8 илјади евра. Четирикратниот раст го рангира ова адвокатско друштво на средината од листата топ 10.
Две години по ред, добивката е најсилна страна на адвокатското друштво Пепељугоски. Промена не била можна ниту со тие 3,8 насто помалку, регистрирани на годишна основа. Од 286,4 илјади евра во 2023 година паднала на 275,6 илјади евра во 2024 година.
ОД НОТАРСКАТА СЛАВА НЕМА ПОГОЛЕМА, заработуваат и по 300.000 евра годишно!
Второпозициониран е Георгиевски, чија добивка, со зголемувањето од 32 насто, изнесува 260,8 илјади евра. Следат друштвото Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска со профит од 245,5 илјади евра, па Кузмановски со сумата од 193,4 илјади евра, но и со солидното годишно зголемување (+ 94,35 %).
Воочливи се и процентите на раст евидентирани кај адвокатското друштво Апостолска, Александровски и партнери. Нивните + 264 % означуваат значаен подем – од 40 илјади во 2023 година на 145,5 илјади евра лани.
Извор: Бизнис Мрежа
ДЕСЕТ ДРУШТВА – 146 ВРАБОТЕНИ
Во десетте друштва што ја сочинуваат листата топ 10 според бројот на вработени, платата лани ја заработувале 146 лица. Тоа е близу една третина (36,68 %) од работноангажираните во сите друштва. Со 20 и над 20 вработени се три друштва, но ниедно не е со помалку од десет вработени. Девет се од Скопје, едно е од Охрид.
Најголем работодавач, било и е адвокатското друштво Бранко Кузманоски и партнери (24), иако преклани екипата била поголема (27). Всушност, намалување на кадарот има кај уште две друштва.
Тоа се однесува на Поленак (од 25 преклани, на 23 лани), каде што намалувањето е осумпроцентно. Ова друштво е на второто, а на третото место, со 20 вработени, е Чукиќ и Марков.
Друштвата Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска, како и Трпеноски функционираат со по 16 вработени, додека Апостолска, Александровски и партнери со 15. По 13 работноангажирани има во адвокатските друштва Гоџо, Кичеец и Новаковски (‒ 7,14 %) од Охрид и во скопското Папазоски и Мишев. Пепељугоски и Чакмакова адвокати имаат по 11 вработени.
Што се однесува до екипираноста, во споредба со 2023 година работната сила во овие десет друштва е намалена за 12,05 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
Без оглед на тарифите, адвокатите не се луксуз, туку потреба, особено кога треба да се заштитат одделни интереси. Работата што ја извршуваат воопшто не е едноставна и лесна. Потребни се години учење и пракса за да се стигне до врвот на професионалната кариера, до нивото од кое угледот ја диктира цената. Тоа ниво овозможува секоја година да се заработи, ако не повеќе, по еден стан. Тогаш стануваат вистина коментарите дека секој спор завршува со профит – барем за адвокатите.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска