ПОВЕЌЕ

    40 ОРГАНИЗАЦИИ ОД ЦЕЛА ЕВРОПА БАРААТ ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА БИДЕ ВПИШАН во листата на УНЕСКО за светски наследства во опасност

    Време зa читање: 2 минути

    Триесет и девет организации и една европска мрежа (од 15 организации) доставија писмо до Комитетот за светско наследство со кое бараат да се усвои нацрт одлуката за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност на УНЕСКО, информираат од Фронт 21/42.

    Во седиштето на УНЕСКО во Париз, започна 47 сесија на Комитетот за светско наследство. Во следните неколку дена Комитетот по трет пат ќе гласа дали Охридскиот Регион, нашето единствено природно и културно светско наследство, ќе биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. Нацрт одлуката е објавена и предвидува впишување во листата.
    Покрај останатото, во нацрт одлуката се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог Законот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на IUCN и наодите на мисијата од 2024 година.

    Имајќи ги предвид претходните две искуства, кога Комитетот ги игнорираше препораките на експертите Охридскиот Регион да биде прогласен за светско наследство во опасност, што резултираше со нови закани и уште поголемо уништување на вредностите, граѓанските организации доставија писмо до сите 21 членови на Комитетот, со кое бараат усвојување на нацрт одлуката.

    Конкретно, 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, 1 европска мрежа од 15 организации и 9 организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство, потпишаа писмо во кое, покрај останатото наведуваат:

    „Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите сеуште нереализирани (но усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот за светско наследство на својата 47 сесија во Париз, Франција, да го заштити и зачува Охридскиот Регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност“, се вели во дописот на Фронт 21/42.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично