Силните летни жештини ги оставија Скопјани без голем избор на која локација да се разладат, а таа да не биде многу далеку од градот. Едно од таквите места, секако е и излетничкото место на средно Водно, каде и во топлите денови има ладовина и простор за освежување и игра на децата.
Замислено како простор опремен со маси и клупи за пикник и уживање, и реквизити за играње на најмалите, излетиштето на средно Водно се чини одамна е заборавено од надлежните, а инвентарот – клупите, масите, клацкалките и тобоганите, направени од дрво, сега се неодржувани и во толку лоша состојба што претставуваат опасност од повредување на оние кои ќе се обидат да ги користат.
Тука недостасува клупа, таму маса, место детски реквизити за радост на најмладите – разлабавени и искршени штици, шајки што штрчат, парчиња кои недостасуваат... некогаш носеле радост за дечињата, денес буквално опасни по живот…ова е сликата која ќе ја затекнете ако се обидете спас и релаксација од скопските горештини со своите најмили да побарате во сенките на средно Водно.
Надлежни за одржување на инвентарот на Водно – видиковците, клупите, масите и другата урбана опрема – се од Јавното претпријатие Паркови и зеленило. Сепак, оттаму нема одговор на прашањето кое им го поставивме: кога ќе ги заменат дотраените и уништени делови на инвентарот на излетничкото место на средно Водно со нови и зошто тоа не е направено навреме за летната сезона, кога е поголема потребата на посетителите да ги користат? А, нема ниту најава дека во скоро време претпријатието ќе превземе активности за обнова на уништениот инвентар и негова замена со нов.
Во меѓувреме, на посетителите на средно Водно, кои ќе сакаат да ја искористат оваа прекрасна локација за пикник и дружење, ова видео ,кое го направи порталот ПАРИ, нека им послужи како предупредување за опасностите од дотраената и нефункционална урбана опрема на локалитетот.