Почетокот на летото како да ги намали активностите во доменот на нетрговските трансфери. Минатата недела биле подарени 1.012 обични акции, издадени од седум друштва кои котираат на Македонска берза.
Најголемиот дел од нив го носат знакот на Македонски телеком. Се работи за 697 обични акции, процесуирани на средината од работната седмица. Овој подарок е вреден околу пет илјади евра, со оглед на тоа што една акција на телекомуникацискиот оператор чини 440 денари (состојба од 27 јуни).
Во статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност се забележани 110 акции на Макстил АД Скопје. Со акциите од овој издавач не се тргувало во последните 52 недели, а нивната единечна цена е 135,69 денари. Не е регистрирано тргување ниту со хартиите од вредност на АрцелорМиттал (ХРМ) АД Скопје, но во минатонеделните преноси како подарок или наследство се дадени 100 обични акции.
Понатаму, трансферирани се 34 акции на ЖАС АД Скопје. И 32 обични акции на Уготур АД Скопје.
Акциите на Реплек се чести во нетрговските трансфери. Овојпат се регистрирани 25 обични акции. Според последната дневна берзанска листа (од петокот) акцијата има просечна цена од 15.000 денари. Оттаму, оваа количина вреди шест илјади евра.
Минатата недела пренос на сопственоста е извршен и кај 14 обични акции на Титан Усје. По бројност, тоа е најмалата количина забележана во минатонеделните неттрговски трансфери. Сепак, овој подарок има најголема вредност, од над 9.500 евра. Секоја акција носи по 41.989 денари.