Владимир Пецовски, еден од поголемите акционери на скопската фармацевтска компанија и Коста Котески – заменик генерален директор, купија акции издадени од „Реплек“. Со ново купените 40 акции, братот на генералниот директор во моментот поседува 6,37 проценти од почетниот капитал.
За оваа промена од „Реплек“ информираа преку ценовно чувствителната информација објавена на Македонска берза:
„Акционер со над 5% Пецовски Владимир се стекна со 40 нови акции, со што поседува вкупно 16.500 или 6,37% од вкупниот број на акции.
Членот на Управниот одбор на Реплек АД Скопје, Котески Коста се стекна со 10 нови акции при што вкупно поседува 390 обични акции“.
На овој начин и двајцата повремено ја манифестираат довербата во стабилноста и перспективноста на „Реплек“. Котески, дест акции купи и во април, а претходно и во февруари.
По која цена ги платиле акциите, не е познато. Вчерашната просечна вредност беше 15.463,46 денари, со дневна промена од плус 1,55 проценти. На официјалниот пазар биле истргувани 256 акции, а прометот изнесувал 3.958.650 денари, односно 64,3 илјади евра.