Априлскиот просек на исплатена нето-плата е 45.452 денари. За еден месец вредноста се зголемила за 689 денари, што претставува 1,54 проценти повеќе во споредба со март, кога просечното месечно примање во државата изнесуваше 44.763 денари.
Месечното поместување по нагорна линија произлегува од зголемувањата што се случиле во три сектори. Во информации и комуникации за 4,2 насто, во административни и помошни услужни дејности за 3,9 насто и во дејности на здравствена и социјална заштита за 3,8 насто.
„Во април 2025 година, во однос на април 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 10,6 проценти“, информираат од Државниот завод за статистика.
Ова движење, според статистиката, добило најголем поттик од просечните примања кои пораснале во, исто така, три сектори, од кои два се исти. Станува збор за дејности на здравствена и социјална заштита, каде што априлскиот раст е 14,7 проценти, во образованието е 14,4, а во административни и помошни услужни дејности – 13 проценти.
Што се однесува до бруто-износот, во четвртиот месец од годинава е во износ од 68.294 денари. Притоа, забележена е годишна промена за 10,7 проценти.
Во текот на април, трошоците спакувани во синдикалната минимална кошница изнесувале 62.691 денар. И во однос на март пораснале за 836 денари.