Во време на глобални економски промени, богатството продолжува да расте – но нерамномерно. UBS, водечка светска банка за управување со богатство, го објави својот Извештај за глобалното богатство за 2025 година, кој нуди прецизна слика за тоа како, каде и кај кого се концентрира личното богатство.
Извештајот опфаќа податоци од 56 пазари, кои сочинуваат над 92% од глобалното богатство, анализирајќи ги регионалните разлики, генерациските трансфери и растечката улога на жените и новите милионерски слоеви. Во 2024 година, светското лично богатство пораснало за 4,6%, надминувајќи го порастот од 4,2% во 2023 година, но зад тој просек се кријат големи регионални и структурни разлики.
САД се доминантниот придонесувач за растот на глобалното богатство. Северна Америка оствари пораст од над 11% во 2024 година, благодарение на стабилниот американски долар, оптимистичките берзи и силната доверба на инвеститорите. Со просечно лично богатство од 593.347 долари по возрасен, потоа следи пред Океанија (496.696 долари) и Западна Европа (287.688 долари).
Во контраст, регионот ЕМЕА (Европа, Блискиот Исток и Африка) речиси стагнираше со раст под 0,5%, додека Азиско-пацифичкиот регион бележеше пораст под 3%. Ова е спротивно од 2023 година, кога ЕМЕА водеше во закрепнувањето на глобалното богатство.
Според UBS, во 2024 година, бројот на милионери во светот се зголеми за 1,2%, што претставува 684.000 нови милионери, од кои САД додале 379.000 – повеќе од 1.000 дневно. Кина била втора со 141.000, а Франција трета.
Во светот сега има речиси 60 милиони милионери, кои поседуваат 226,47 трилиони долари лично богатство. САД имаат 23,8 милиони милионери, што е речиси 40% од светската милионерска популација и 35% од глобалното богатство. По нив следат Кина (6,3 милиони), Јапонија, Франција, Германија, Велика Британија и Канада – сите со повеќе од 2 милиони милионери.
Оваа година UBS го истакна растечкиот сегмент на т.н. EMILLI – „секоjдневни милионери“ со средства за инвестирање помеѓу 1 и 5 милиони долари. До крајот на 2024 година, тие достигнаа бројка од 52 милиони, што е четири пати повеќе од 2000 година. Заедно поседуваат 107 трилиони долари, што е речиси колку и супермиллионерите со над 5 милиони долари (119 трилиони).
Иако прагот од 1 милион долари станува сè помалку импресивен поради инфлацијата и доминацијата на недвижности како неликвидна актива, EMILLI сè уште имаат силно влијание врз финансиските пазари. Растот на оваа група е поттикнат главно од цените на недвижностите и девизните промени.
Во следните 20 до 25 години, се очекува трансфер на богатство вреден 83 трилиони долари, од кои 9 трилиони ќе се пренесат хоризонтално (меѓу сопружници), а 74 трилиони меѓу генерации.
Во САД, беби-бумерите (1946–1964) поседуваат над 83 трилиони долари и доминираат над Генерација X и миленијалците. Миленијалците (родени по 1981) имаат своето богатство главно во недвижности и трајни потрошувачки добра, а повеќе инвестираат во приватни бизниси, за разлика од повозрасните генерации.
UBS анкетираше 2.000 жени инвеститори во САД со најмалку 1 милион долари. Истражувањето покажа дека 80% од жените кои наследиле богатство од родители се соочиле со предизвици, како непознавање на вредноста на наследеното богатство или финансиски изненадувања. Жените не само што наследуваат, туку сè повеќе управуваат и ги трансформираат семејните финансии.
Во последните 25 години, глобалното богатство растело со сложена годишна стапка од 3,4%, а во 2024 година Источна Европа бележи највисок раст од над 12%. Сепак, над половина од 56-те анализирани пазари забележале реален пад на просечното богатство по возрасен, кога се мери во американски долари.
За првпат оваа деценија, групата луѓе со богатство под 10.000 долари веќе не е најголема – заменета е со групата помеѓу 10.000 и 100.000 долари.
Извештајот прогнозира дека до 2029 година ќе има дополнителни 5,34 милиони милионери. Растот на богатството ќе биде најсилен во САД, Голема Кина, Латинска Америка и Океанија.
Според Пол Донован, главен економист на UBS, „богатството не е само економски индикатор – тоа е и социјална и политичка сила“. Начинот на кој се распределува и наследува богатството во следната деценија ќе има директно влијание врз економските политики, можностите за развој и општествениот напредок.
Извештајот на UBS за 2025 година, шеснаесетто издание по ред, претставува непроценлив ресурс за инвеститорите, економистите и политичките креатори, откривајќи ги скриените текови и новите центри на моќ во светот на богатството.