ПОВЕЌЕ

    КОГА ЦЕНИТЕ НА АКЦИИТЕ ПАЃААТ, дивидендите освежуваат

    Време зa читање: 3 минути

    Жешкото лето штотуку започна, но за македонските акционери веќе пристигна освежување и тоа во форма на повисоки дивиденди. Компаниите што зад себе имаат профитабилна 2024 година решија да поделат повисоки дивиденди. Од котираните компании на Македонската берза, 24 објавија дека ќе делат дивиденда, а некои веќе и ја исплатија.

    До крајот на летово сигурно уште некоја компанија ќе ги израдува своите акционери со убавата заработка од акциите коишто ги поседуваат. Исплатата на дивидендите ќе биде особена радост за акционерите и затоа што тоа доаѓа во услови на пад на цените на акциите на Македонската берза.

    На тој начин дивидендите стануваат еден вид утеха за акционерите коишто не се среќни што цената на нивните акции оди надолу. Особено за тие што имаат големи портфолија, но кои, пак, за возврат ќе добијат и големи износи на дивиденда. Тие ќе очекуваат солидна финансиска инјекција ова лето.

    Бруто-износите на дивидендите за 2024 година кај дел од најуспешните компании значајно пораснаа, следејќи го растот на добивките. Исплатата на дивиденда е и доказ дека вистинската инвестиција знае добро да се врати.

    Пари анализира кои компании делат дивиденда и колку изнесува по акција. Од досега објавените дивиденди, најголем износ има дивидендата на Макпетрол4.200 денари по акција. Во однос на минатата година, повисока е за 500 денари.

    Втора по големина е дивидендата на НЛБ банка, која изнесува 2.596 денари по акција, а во однос на претходната година е пониска. За 2023 година, НЛБ банка исплати дивиденда во износ од 2.636 денари по акција. НЛБ банка, во последните пет години, оваа година реши да им подели на акционерите најголем износ на дивиденда.

    На трето место според висината на дивидендата што ќе ја исплати е Цементарница Усје и таа изнесува 2.404 денари по акција. Претходната година беше за нијанса повисока и изнесуваше 2.415 денари. Но, во споредба со дивидендата за 2022 година е речиси двојно поголема, а во однос на таа за 2021 година скоро пет пати. Затоа акционерите на Цементарница Усје навистина имаат причина за радост.

    Најголем раст на износот бележи дивидендата на Македонија осигурување ВИГ од дури 188 насто споредено со 2023 година. За 2024 година, осигурителната компанија ќе исплати дивиденда во износ од 98 денари по акција, додека за 2023 исплати 34 денари по акција. Оваа дивиденда е повисока и од исплатената за 2022 година, но пониска од дивидендата за 2021 година, кога изнесуваше 100 денари.

    Според растот на износот на дивидендата следува Комерцијална банка, чија дивиденда порасна за 37,4 насто, од 910 денари за 2023 година на 1.250 денари за 2024 година. Во изминатите 5 години, Комерцијална банка постојано го зголемува износот на дивиденда, исто како и својата добивка.

    Блиску до Комерцијална банка е фармацевтската компанија Реплек, со раст на дивидендата од 33 насто. За 2024 година Реплек ќе исплати дивиденда во износ од 400 денари по акција, а за 2023 година исплати 300 денари по акција.

    Може да се очекува уште шест компании да објават исплата на дивиденда за 2024 година, затоа што во изминатите пет години речиси редовно ги наградуваа своите акционери со дел од профитот.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично