ПОВЕЌЕ

    БРОКЕРИТЕ СО ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА: Илирика со најголем профит, Еурохаус со највисоки приходи

    Време зa читање: 6 минути

    Заедничката добивка на 11-те овластени учесници на пазарот на хартии од вредност за една година е зголемена за 437,6 проценти. Станува збор за износ од 92.083.966 денари или 1,5 милиони евра. Позитивниот финансиски резултат во 2023 година, од тогашните десет партиципиенти, бил 17.128.852 денари, односно 278,5 илјади евра. Ново име во оваа сфера од лани во јули е Халк банка – Одделение за работа со хартии од вредност.

    Девет од единаесетте овластени учесници минатата 2024 година ја заокружиле се добивка, а две бележат пад на профитот, што е поволен исчекор, затоа што во 2023 тоа било случај кај четири од нив. Намалена добивка е регистрирана од страна на организациските единици во рамките на Комерцијална и на ТТК банка.

    Најголемиот профит од брокерската дејност е остварен во Илирика инвестментс – 25.574.289 денари, што е еднакво на 415,8 илјади евра. Колку подобро работела оваа куќа лани, се воочува од споредбата со прекланскиот резултат од 558.442 денари или нешто над девет илјади евра.

    Висок раст на профитот има и Инвестброкер. Од 2.973.677 денари (48,3 илјади евра) во 2023 на 20.972.960 денари (341 илјада евра) во 2024. По оваа линија треторангиран е Еурохаус, со финансиски резултат од 19.886.000 денари (323,3 илјади евра), наспроти претходниот од 316.000 денари, односно од само 5.100 евра.

    Успешност во работењето се согледува преку податоците од Извештајот за годишните финансиски перформанси на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност, изработен од Комисијата за хартии од вредност. Работењето во текот на минатата година за сите нив обезбедило вкупни приливи, повисоки за 137,24 насто. Со износот од 224.088.289 денари (3,6 милиони евра) е заокружена 2024, а со 94.456.948 милиони денари (над 1,5 милиони евра) претходната 2023 година.

    Приходите, во најголемиот дел од 89,68% доаѓаат од наплатените надоместоци и провизии. Се работи за сума од 3,26 милиони евра. И овде има значителен годишен раст, бидејќи пред тоа имало реализација од 1,3 милиони евра.

    По основ на финансиски средства кои се водат по објективна вредност се забележани 4,38%, од дивиденди 2,90%, од останати приходи 2,12%, од камати 0,67% и од курсни разлики 0,25%.

    „Учеството на приходите од надоместоци и провизии и учеството на приходите од реализирани добивки од финансиски средства кои се водат по објективна вредност во вкупно остварените приходи бележат зголемување за 5,46% и 95,75% соодветно, за сметка на намалувањето на учеството на приходите од курсни разлики за 74,38%, приходите од камати за 32,01%, приходите од дивиденди за 59,88%, како и на останатите приходи за 39,85%“, се појаснува во Извештајот на КХВ.

    Втора според добивката, а прва по приходите е брокерската куќа Еурохаус. Има вкупни приходи од 944,5 илјади евра, што претставува зголемување за 211,87%.

    Потоа, со 840,7 илјади евра е Илирика инвестментс, а третопозициониран е Инвестброкер со 595,5 илјади евра.

    Всушност, кај сите овластени учесници на пазарот на капиталот е регистрирано годишно зголемување на приходите.

    Поради тоа овие три брокерски куќи имаат и најголем удел во вкупно остварените приходи на овластените учесници во 2024 година. Еурохаус партиципира со 25,92%, Илирика инвестментс со 23,07%, а Инвестброкер со 16,34%. Една година претходно, редоследот бил поинаков: Илирика инвестментс (19,75%), Еурохаус (19,72%) и Инвестброкер (13,48%).

    Уделот на останатите е под десет проценти, односно е во опсег од 1,85% (ТТК банка) до 9,55% (организациона единица на Комерцијална банка).

    Што се однесува до нивната застапеност на домашниот пазар на хартии од вредност, во текот на минатата година кај прометот имале реализација од 435,8 милиони евра. Разликата е 190,24% во однос на вкупно остварениот промет на Македонска берза за 2023 година, кога заедничкиот исход бил  150,16 милиони евра.

    „Зголемувањето на прометот на домашен пазар резултираше со зголемување на приходите од провизии во апсолутен износ“, посочуваат од КХВ.

    По годишниот промет на Берзата се издвојува Еурохаус, со забележаните 130,3 милиони евра. Следат брокерската куќа Илирика инвестментс со 120,7 милиони евра и Дирекцијата за хартии од вредност на Комерцијална банка со остварен промет од 68,8 милиони евра.

    Со пад на прометот од 41,22% се соочиле единствено во Иново Брокер. Од 15 милиони евра промет на Македонска берза во 2023 на 8,8 милиони евра лани. Од друга страна, најголемото зголемување на прометот е регистрирано кај Инвестброкер – за високи 348,51%. Конкретно, ланскиот износ е 34,35 милиони евра, а прекланскиот 7,65 милиони евра.

    Кога станува збор за тргувањето на странските пазари на капиталот, таму настапуваат петмина учесници од Македонија – четири банки (Стопанска, Комерцијална, Шпаркасе и НЛБ) и една брокерска куќа (Инвестброкер). Со дадените услуги за тргување на странските пазари оствариле вкупен промет од 103,16 милиони евра, во однос на 2023 година и тогашните 47,6 милиони евра зголемен за 116,68%.

    Во овој дел од извештајот се наведува дека кај сите пет пазарни учесници е регистрирано зголемување на приходите од прием и пренос на налози за купување и продавање хартии од вредност на странските пазари. Најголемото нагорно движење го има кај Инвестброкерза 240,27%. Потоа следат Службата за работи со хартии од вредност на Шпаркасе банка со 146,15%, Дирекцијата за работа со хартии од вредност и брокерско-посреднички услуги на Стопанска банка со 133,46%, Службата за хартии од вредност на НЛБ банка за 69,57% и Дирекцијата за хартии од вредност на Комерцијална банка со раст од 30,85%.

    „Со зголемувањето на вкупниот промет остварен во 2024 година со тргување на хартии од вредност на странски пазари споредено со 2023 година, за 112,22% се зголемиле и приходите од провизии што пазарните учесници ги оствариле од тргување со хартии од вредност на странски пазари, односно од 9.902.788 денари во 2023 година се зголемиле на 21.015.515 денари во 2024 година“, истакнуваат од КХВ.

    По бројот на трансакциите направени на странските берзи, 2.314, се издвојува Комерцијална банка. Шпаркасе банка брои 1.809, а Инвестброкер 935 трансакции.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично