Нетрговските трансфери минатата недела се заокружија со 4.965 акции на 12 котирани друштва. Реализирани се во три работни денови, а најголемата активност е забележана во четвртокот, кога според статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност, сопственоста е променета кај 2.900 обични акции.
Според бројноста се издвојува „Гранит“ со вкупно 2.020 акции. Трансферирани на двапати, во средата 20 и во четвртокот 2.000. Просечната цена за акција е 1.890 денари.
По линијата на бројност следуваат акциите, 1.499 на број, издадени од Стопанска банка Скопје. Единечната цена на оваа акција е 2.650 денари.
Во два наврати е извршен пренос на 520 акции на Комерцијална банка. Прво 20, потоа уште 500 обични акции. Ова е најтргуваната акција на Македонска берза, а просечната цена од последниот ден на минатата седмица е 28.900,44 денари.
Втората најтргувана акција, на „Алкалоид“, ја има во трите денови во кои се одвивале нетрговските трансфери. Во среда 70, во четврток 300, а во петок 17 обични акции, чија последна просечна вредност е 27.204,35 денари.
„Макстил“ овојпат е застапен со 150 обични акции. А, во податоците се и акциите на струмичките „Герас Цунев конфекција“ – 72 и на „Герас Цунев трговија“ – 74.
Минатата седмица се трансферирани и акциите на уште една голема банка. Евидентирани се 100 обични акции на НЛБ банка.
Во статистиката се и 99 акции на ФЗЦ „11 Октомври“ АД Куманово, 16 на „Уготур“ АД Скопје, и по 14 обични акции на „Макпетрол“ и на РЖ „Интер-Трансшпед“.