За херојскот подвиг, за спасените повеќе од 20 животи и за делумното намалување на трагедијата од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, Јован Костадинов доби стипендија од „Алкалоид“. Општествено одговорната компанија му обезбедува на 19-годишникот од Виница месечни средства од 18 илјади денари, кои ќе ги добива во текот на четири години.
„Бев информиран дека ќе биде доделена стипендија за Јован Костадинов, како знак на признание за неговата храброст и човечност. Алкалоид, како општествено одговорна компанија ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери“, напиша вчера на својот ФБ профил премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно имал средба со Костадинов.
Исто така, „Алкалоид“ донираше 15 милиони денари во Фондот на солидарност на Црвениот крст, наменет за поддршка на настраданите при пожарот во Кочани. Претходно, пак, од 16 март, денот кога се случи големата несреќа, па наваму, „Алкалоид“ во неколку наврати, како што велат, симболично им помогнале на здравствените установи. Всушност, обезбедувале медицинска помош од својот асортиман, со што ги задоволувале моменталните потреби на здравствените установи, кои се соочија со голем број тешко повредени.
„Со изрази на висока почит кон покажаната хуманост на македонските државјани од земјава и од странство, како и кон сите пријателски и добронамерни гестови од поединци и организации во земјава и ширум светот, ‘Алкалоид’ се приклучува кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани“, соопштија од компанијата со порака дека ќе продолжи да помага онаму каде што е потребна помош и поддршка.
Таа поддршка ја доби и Јован, момчето, заслужно за „новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот“ на 21 младешки живот.
„Јован е светла точка во деновите на темнина. Неговото име ќе остане запаметено, а неговиот пример треба биде уште поголема инспирација за да бидеме подобри, посилни и похрабри граѓани на нашата Македонија“, напиша премиерот.