Замислете дека сосема се испустени Куманово, Струга и Богданци. Или Битола, Гостивар и Гевгелија. Можеби скопските Аеродром, Центар и Ѓорче Петров? Заминале сите, до последниот. Тешко е да се замисли, но бројот на жителите од посочените примери соодветствува на разликата помеѓу активното население во 2024 и 2014 година. Овој дел од популацијата, кој ја претставува работната сила, за една деценија е намален за 166.219 лица. Македонија го плаќа данокот на погрешните политики во сите општествени сегменти, кои на големо се рефлектираат во демографските движења.
Според последните податоци што неодамна ги објави Државниот завод за статистика, на кои се базира и анализата на порталот Пари, активното население минатата година броело 792.779 лица. Вработени се 694.506, невработени – 98.273 лица.
„Ова што денес се случува од аспект на наталитетот, морталитетот, активното население, пензионирањето итн, тоа е резултат на изминатите повеќе од две децении. Сега дојде резултатот. Се намалува населението. Тие над 160 илјади што ги нема, тие сега требаше да работат. Тоа е работна сила на возраст помеѓу 25 и 40 години“, вели социологот, професор д-р Илија Ацески.
Како главна причина го посочува иселувањето, кое се случува поради тоа што за младите Македонија е неперспективна земја.
„Иселувањето, пред сѐ. Вториот момент – долги години наназад се намалува бројот на новородени, односно опаѓа наталитетот. За сметка на тоа се зголемува возрасната граница. Тоа е знак дека Македонија е во земјите, во онаа група со старо население. Просечната возраст на населението е некаде 40 години, што не е воопшто добро кога зборуваме за активно население кое треба да создава, да работи. Сето тоа е разултат на изминатите две-три децении, без разлика кој бил на власт, бидејќи немаме здрава елементарна демографска политика. За мене тоа значи, пред сѐ, како еден поголем дел од тие млади луѓе да се задржат во Македонија, тука да ја видат својата перспектива. Да почнат да работат и да создаваат нова вредност“, дециден е професорот.
ЗА 10 ГОДИНИ МИНУС 170.536 НЕВРАБОТЕНИ
Статистичките показатели не се оптимистички. Стапката на активност е 52,3 проценти и е пониска од таа што ја одразува состојбата од пред десет години (57,3%).
За споредба, десет години претходно активни биле 958.998 луѓе. На работа оделе 690.188 од нив, останатите 268.809 не работеле. Забележливо е дека кај вработените нивото е зголемено, но не многу. Или, за една деценија работната сила нараснала за 4.318 лица. Стапката на вработеност е 45,8, а во 2014 била 41,2.
„Вработеноста, за жал, уште ќе се намалува. Најверојатно, ќе бидеме изложени на тој предизвик – увоз на работна сила. Сѐ уште не сме атрактивни, сѐ уште сме транзитна територија кон западните земји, но ќе дојде време кога голем дел од таа потреба за работна сила ќе биде пополнувана од афричките и азиските земји. Од оние кои се во длабока сиромаштија и исто како и нашите што сега го бараат својот спас некаде на друго место, така некои ќе го видат во Македонија. Затоа што таму каде што живеат е далеку полошо“, цени професорот.
Наспроти тоа, невработеноста бележи голем пад. Од 268.809 во 2014 на 94.795 во 2024 година. Или, стапката на невработеност е повеќе од преполовена, од 28 на 12,4 проценти. Гледано според движењата на работната сила по дејности, во Македонија за овие десет години работно место обезбедиле 77.251 лице. Најверојатно, преостанатите речиси 90 илјади, обезбедувајќи си егзистенција, придонесуваат за некои други држави.
„Цели региони, делови од државата се запустени. Да не зборуваме за сферата на земјоделието. И за некои други области. Она што е уште потрагично, оние што се попродуктивни, повредни, понадарени, кога некаде на своите 20-на години ќе насетат дека оваа држава, оваа земја, не претставува никаква гаранција за нивниот успех, во првата прилика го земаат пасошот и заминуваат. Таа нивна реакција е нормална. Тука не можеме да се чудиме – зошто! Во изминативе 25 и повеќе години често сум слушал – што ќе правам јас тука, кој ми гарантира дека ќе успеам, што дури и да завршам факултет, обичен службеник или слуга во некоја фирма – тоа се размислувањата. Тоа е поразувачко“, нагласува Ацески.
ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ПРЕПОЛОВЕНИ
Пред десет години земјоделство, шумарството и рибарството биле вториот сектор со најголем број работно ангажирани. И во тоа време се увезувала храна, но не во износи од над една милијарда евра. Кревањето раце од плодната земја има висока цена. Јадеме помалку квалитетни производи, пред сѐ, овошје и зеленчук, а ги плаќаме поскапо. Причина за тоа се фрлените мотики. Според податоците за 2024 година, со оваа дејност се занимаваат 62.287 лица. Во 2014 година имало 127.438 земјоделци. Поразителен е и фактот дека најголемиот пад на вработеноста е токму во оваа област, една од најзначајните за државата
„Преполовена е работната сила во земјоделието. Голем дел од тоа се повозрасни генерации кои повеќе не се многу заинтересирани за работа во земјоделието. Веќе долго време Македонија нема аграрна политика. Не ги следиме модерните текови на механизација, на современа обработка на земјата. Каде што младите нема да се чувствуваат ограничени, понижени на тоа поле, туку ќе заработуваат и ќе бидат корисни за општеството“, посочува професорот Ацески.
Најголемиот дел од вработените се во преработувачка индустрија, каде што со ланската состојба лебот го ваделе 137.626 лица. За 4.689 повеќе во споредба со 2104 година. Исто така, и трговијата е поле каде што има можност за заработка, па тука децениската позитивна разлика изнесува 8.810 лица. За 10 години има зголемување и во информации и комуникации од 9.741 вработен. Промената не изненадувачка, затоа што е заснована на ангажираните во ИТ индустријата, која постојано има потреба од нови кадри и е профитабилна. Сепак, најголем исчекор има во дејности на здравствена и социјална заштита, кадештоо има плус 11.850 врботени.
Од 21 сектор кај пет има намалување на вработените. Освен аграрот, тука се рударство и вадење на камен, снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, градежништво, транспорт и складирање, дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби.
Всушност, намалувањето на работната сила е најзабележително кај занимањата кои бараат поголем физички напор. За тие работни активности повеќе се плаќа во странство и луѓето заминуваат. Сепак, не се само парите причина за иселувањето.
„Во суштина, доаѓаме до уште една поента. Говориме за тој сензитивен ментален склоп на младите, кој е уште пострашен кога ќе се доведе во прашање. Не станува збор само за обична економска егзистенција. Едноставно, човекот не е задоволен од животот, минимално е, како би рекол, емотивно стабилизиран, а постојано е на удар и гледа дека нешто страшно се случува во Македонија. И, не бира да живее во разнишано општество, нестабилно. Спасот е да се избега на некое друго место и да се почне нов живот“, вели социологот Илија Ацески.
Маја Анастасова