Жителите на Гренланд не сакаат да бидат ни Американци, ни Данци. Американците и нивниот шеф мора да го сфатат ова. Реакцијата на Муте Егеде, премиерот на најголемиот остров во светот, е поттикната од вчерашниот говор на Доналд Трамп во Конгресот, од каде што порача дека САД ќе го имаат Гренланд „вака или онака“.
„Ние не сакаме да бидеме Американци или Данци, ние сме Гренланѓани. Американците и нивниот шеф мора да го разберат ова“ – својот став Егеде го сподели преку „Фејсбук“, шест дена пред парламентарните избори, известуваат светските медиуми.
Во одговорот до Трамп, еден ден откако повторно ја искажа намерата за преземање на автономната територија која е во рамките на Данска, Едге порачува: „Ние не сме на продажба и не може едноставно да бидеме преземени“.
Без оглед што американскиот претседател им ветува на жителите од островот дека ќе бидат „безбедни и богати“, најголемиот дел од нив не сака да биде под ничија капа. Според спроведените анкети, мнозинството од речиси 57.000 жители се против приклучувањето кон САД, но и се залагаат за независност од Данска.
„Популацијата е многу мала, но многу, многу големо е парчето земја, кое е многу, многу важно за воената безбедност“, навел Трамп во својот говор, додавајќи: „Ние силно го поддржуваме вашето право да одлучувате за вашата иднина, и ако одлучите да го сторите тоа, добредојдени сте во САД“.
Како што објави „Ројтерс“, во обраќањето пред Конгресот американскиот претседател рекол дека владата работи на преземање на Гренланд.
(Фото: Политико)