Кога ќе ѝ ја видите насмевката што ја облева кога ќе си седне на своето работно место, зад воланот на големиот патнички автобус на компанијата Роман, веднаш ќе се согласите дека некои луѓе, едноставно, се родени за својата професија. Жаклина Андоноска од Прилеп е дел од тимот на оваа компанија, којашто ја одржува редовната меѓуградска автобуска линија Прилеп – Скопје ‒ Прилеп и на овие наши простори сѐ уште ретка глетка, како жена возач на патнички автобус.
Веќе е навикната луѓето да ја прашуваат зошто токму автобус, кога има толку многу „женски“ професии. Во една таква, женска професија, како работничка во текстилната индустрија, работела долги години, и во Прилеп и во Скопје, но срцето отсекогаш ѝ било на друго место, поточно – зад воланот.
Порталот Пари го одбележува 8 Март ‒ Меѓународниот ден на жената со серија интервјуа, реализирани со познати и непознати жени за пошироката јавност, кои се силни и инспиративни.
ПАРИ: Зошто токму возач на автобус?
Андоноска: Идејата отсекогаш ми била да возам автобус, сакав да го наследам татко ми, кој беше возач на фабричкиот автобус на Црн Бор од Прилеп, а јас честопати го придружував. Мислам дека имав седум години кога одлучив дека би сакала да го работам тоа. Дозвола за возење автобус стекнав во 2002 година.
ПАРИ: Но, не се вработивте веднаш како возач, нели?
Андоноска: Кога почнав да работам, се вработив во текстилен погон во Прилеп бидејќи само таму имаше слободни работни места, а потоа, кога си дојдов во Скопје, така ми беше полесно, бидејќи веќе бев текстилна работничка. Некоја година подоцна, додека се возев во автобус за Скопје, со колеги на татко ми, ги прашав дали можеби има работна позиција возач за мене, и тие ми ветија дека ќе прашаат, но потоа ми одговорија дека нема и дека причина за тоа било што работодавачите се плашеле дека вработувањето жена возач можеби ќе влијае негативно на угледот на компанијата. Во 2007 година дојдов во Скопје, работев во италијанска фирма. Тогаш примаа возачи во ЈСП. Братот од мој колега конкурирал и тоа ме поттикна и јас да се обидам.
ПАРИ: Но, не Ви успеа да седнете зад воланот на некој од црвените автобуси на ЈСП…
Андоноска: Кога отидов во ЈСП прво што ме прашаа беше: „Имаш ли некој – татко, свекор, брат, кој работел во нашата фирма?“ Им одговорив дека немам и тие ми кажаа дека тешко ќе ме вработат бидејќи предност ќе имаат оние коишто веќе имаат член на семејството вработен кај нив…. Потоа дознав од човек што бил примен дека дал мито од 2.000 евра за да ја добие работата. Јас одговорив: „Да имам толку пари, нема да одам во ЈСП, ќе си отворам свој бизнис“, им реков. Така ми остана неисполнета желбата.
ПАРИ: И, колку долго бевте во текстилната индустрија?
Андоноска: Од моето прво вработување па сѐ до 2023 година, кога имаше оглас за работа на кондуктер. Веднаш се јавив на огласот и кога разговарав со газдата на агенцијата Роман му реков дека ќе ја прифатам работата ако има шанса и да возам. Очигледно, судбината сакала да биде трета среќа, па дури и на овие години… Набргу почнав со работа и колегите почнаа да ми даваат и јас да возам на одредени делници, првенствено од машка љубопитност, да видат дали оваа жена ќе се снајде. Полека колегите стекнуваа доверба, па и газдите, и почнаа да ми дозволуваат да ги возам целосно турите, во двете насоки, и веќе минатото лето самостојно ја држев автобуската линија Прилеп ‒ Скопје ‒ Прилеп, со поаѓање во 5:30 ч. наутро и враќање во 8:30 ч. Потоа примија и други возачи и сега сум како резервен возач, јас го возам вториот автобус кога линијата е пооптоварена, обично пред викендите.
ПАРИ: Дали тоа Ви се одрази на платата?
Андоноска: Да, платата ми е повисока кога возам.
ПАРИ: Не само што имате дозвола и возите автобус, туку имате положено и за возач на камион и шлепер со приколка. Тие денес се доста барани професии. Дали би се нафатиле да возите автобус или камион со приколка на долги релации, во странство?
Андоноска: Да бев помлада, полесно ќе се одлучев за таков чекор. Но, имам 53 години и тие се веќе ограничување, бидејќи за возење автобус надвор од границите старосната граница е некаде околу 46 или 47 години. Имав понуда да возам на меѓународна линија, како втор возач, и не е исклучено да прифатам. За камион положив во 2002 година, а во 2020 година, за време на пандемијата, положив и за камион со шлепер со приколка. Мои роднини со потсмев ме прашуваа: „И, сега што, дека положи за шлепери, па и ќе возиш?“ Им велам: „А зошто да не?!“ Мојата професија во последно време се соочува со недостиг на работна сила, па честопати и пензионирани колеги се ангажирани да возат автобуси.
ПАРИ: Дали возачите имаат бенефициран стаж?
Андоноска: Имаат, само зависи од фирмата дали тоа функционира за сите. Инаку, на година стаж треба да има два месеца скратување. Кај нас нема.
ПАРИ: Дали планирате да продолжите да работите како возач на автобус до пензија?
Андоноска: Да. Едноставно, ја сакам оваа професија.
ПАРИ: Имате ли други колешки во државава, жени возачи на автобуси и тешки товарни возила?
Андоноска: Само во ЈСП, каде што порано имаше четири жени возачи, потоа останаа само две, од кои едната почина, а другата, колку што знам, замина во странство. За меѓуградскиот сообраќај знам дека сум, барем засега, единствена жена возач. Интересно, кога дојдоа Бехтел и Енка во Прилеп, ме побараа да возам за нив, со образложение дека бараат исклучиво жени возачи. Си помислив – тешко ќе најдете.
ПАРИ: Со какви предизвици се соочувате на работното место, има ли негативни коментари кога луѓето ќе видат жена возач на автобус?
Андоноска: Работата во меѓуградскиот превоз за мене е далеку поинтересна и поголем предизвик, иако, кога возите низ град, што и да ви се случи, сервисните служби и помошта доаѓаат многу брзо, додека на отворен пат не е лесно.
ПАРИ: Имавте таков случај? Какви беа реакциите на патниците?
Андоноска: Досега имав среќа што при помали дефекти немало негативни реакции на патниците, напротив, нуделе помош. Еднаш ми се дупна гума кај Росоман, двајца патници веднаш ме прашаа дали имам дигалка, за да ја смениме гумата. Во тоа возило немаше дигалка, но бргу дојдоа вулканизери од Росоман и ја сменија гумата.
ПАРИ: Би знаеле да смените гума сама?
Андоноска: Да, татко ми ме учеше како треба. Некогаш може физички да биде потешко, но секогаш ќе се најде некој што ќе помогне.
ПАРИ: Сте имале ли некогаш лоши епизоди со патници?
Андоноска: Имав, во Прилеп, и тоа од жена. Кога патничката влезе во автобусот, ме погледна и праша: „Ти ќе возиш?“ Ѝ велам: „Да. Ако се чувствувате несигурно, можете слободно да си ја смените картата за другиот автобус“, ѝ реков. Не си замина, се возеше со мене, а кога стасавме во Скопје, на заминување ми рече: „Јас се извинувам што бев скептик, но досега ме нема возено жена, и можам да ти кажам – секоја ти чест.“ Утредента наутро го возев автобусот од Скопје назад за Прилеп и ја гледам пак истата патничка. „О“, ѝ реков, „пак ќе се возите со мене“, се насмеавме.
ПАРИ: Како го кажувате ова, не гледам дека сте ѝ се налутиле…
Па и не ѝ се налутив, на таа скепса кон жените гледам како нешто нормално во нашиов македонски менталитет, а особено во средина каква што е Прилеп, иако сметам дека тоа е примитивно. Еден наш семеен пријател многупати имаше кажано дека нема да дозволи да го вози жена, но дојде ден кога тој ја скрши ногата, а требаше да одиме заедно на одмор, и – на крајот јас го возев. Затоа велам – никогаш не вели за нешто никогаш, оти токму тоа ќе ти се случи.
ПАРИ: Дали ве поддржува семејството или тоа се подразбира кога од најмали нозе сте сонувале да сте зад воланот?
Андоноска: Сестра ми отсекогаш ме бодреше. Јас обожувам да возам. И таа вози ама вели дека за неа возењето е стрес, а јас, пак, отсекогаш, штом седнам да возам, колку и да сум била напната, возењето секогаш ме опушта. Уште од младоста си имав обичај да седнам во кола и да извозам нагоре до Плетвар, и од тоа секоја напнатост ќе ми исчезнеше.
ПАРИ: Многумина возат автобуси или камиони од немајкаде, бидејќи не можеле да најдат друга работа, а Вие?
Андоноска: Е, мојата претходна професија беше од немајкаде… Да бев помлада, немаше многу да размислувам да почнам да возам шлепери и во странство, но сега повеќе ми одговара сегашнава работа, на меѓуградска автобуска линија.
Кога некој има немирен дух, ниту во слободното време не мирува. Жаклина за викендите го остава воланот на автобусот и заминува по планините. Вели: „Немам многу време за планините, а многу сакам да се движам, сакам да бидам физички активна.“ Додека живеела во Скопје, цело време се движела со велосипед, а двапати неделно одела на карате во Карате центарот во Капиштец. Сега, вели, се радува на следниот планинарски предизвик.
А потоа, од понеделник, повторно ќе ја облече својата работна униформа и ќе извози, онака женски силно, уште една тура со патничкиот автобус.
Југослава Дуковска
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска