Отворањето нова фирма претпоставува и отворање банкарска сметка. Во изборот на матична банка нема промени. Првата определба е Халк банка. Втората – НЛБ банка. Овие две банки во подолг временски период ја предводат топ пет листата, повремено менувајќи ги позициите, но последниве неколку години Халк банка се зацврсти на врвот.
Не е промент ниту составот, ниту редоследот на избраната банкарска петорка. Вообичаено, тука се Комерцијална, скопската Стопанска и Шпаркасе банка. Кај сите се забележува пад во сегментот на новоотворените сметки, од едноставна причина што е намален бројот на новоформираните фирми. Надолната линија е присутна веќе неколку години, се согледува од податоците на Бизнис Мрежа, кои се основа за анализата на Пари.
Во државата лани биле регистрирани 8.179 нови фирми. И, речиси една четвртина од нив, исто како и претходната година, искажале доверба кон Халк банка, со тоа што станале нејзини клиенти. Сопствениците на 2.098 стартувани бизниси ги побарале услугите на таа банка. Сепак, тоа е помалку во споредба со 2023, кога биле отворени 2.215 сметки. Ова е прво осипување согласно трендот. На пример, во 2022 Банката регистираше раст кај новите сметки.
НЛБ лани станала матична банка на 1.504 новосоздадени фирми. Но, и во овој пример споредбата покажува намалување. Во 2023 биле отворени 1.702 сметки, во 2022 – 1.859.
Нешто поинаква е состојбата кај Комерцијална банка, каде што позитивната годишна разлика ја сочинуваат 26 новостекнати клиенти. Поточно, во минатогодишната евиденција се впишани 1.414 нови сметки (што е речиси сосема исто како во 2022 – 1.415), додека во 2023 биле регистрирани 1.388.
Извор: Бизнис Мрежа
Другите две банки, на кои креаторите на нови бизниси им изразиле доверба, се Стопанска банка Скопје и Шпаркасе банка.
Најстарата македонска банка првпат во оваа статистика бележи спуштање под прагот на илјада отворени сметки. Лани базата на клиенти ја обновила со 978 правни субјекти. Во 2023 и претходно во 2022 година ѝ пристапиле 1.091, односно 1.139 нови корисници на нејзините услуги.
Шпаркасе банка неколку години наназад се одржува на петтата позиција во поглед на изборот за матична банка. Ланскиот исход со 494 отворени сметки од страна на стартуваните фирми, е подобар од тој преклани – 479. Но, полош од 2022 година и тогашните 502 нови сметки.
Извор: Бизнис Мрежа
НАЈМНОГУ БАНКАРСКИ СМЕТКИ ОТВОРААТ ТРГОВЦИТЕ
Анализата по дејности го дават истиот резултат. Халк банка привлекува најголем број од новосоздадените правни субјекти. Доминантна е во петте дејности, во кои минатата година биле започнати најголем дел од бизнисите.
Трговијата, како најподатлива, со голем простор за делување, со широк спектар на можности, што претпоставува и солидна заработка, е неприкосновена во бизнис ориентацијата. Минатата година во трговијата на мало и во трговијата на големо биле регистрирани 1.818 фирми. Повеќе од една третина од сопствениците, или 531, се определиле за Халк банка (635 во 2023). Редоследот понатаму е: НЛБ банка со 304 нови клиенти (351), Комерцијална банка со 277 (291), Стопанска банка со 235 (256) и Шпаркасе со 95 сметки од новоотворените фирми.
По бројот на новооснованите субјекти – 981 – уметност, спорт и рекреација е второрангирана, а првпат е во горниот дел од табелата меѓу петте дејности со најмногу отворени фирми. Првиот избор на банка и меѓу нив е Халк со 183 активирани сметки. Потоа е НЛБ со 225, Комерцијална со 189, Стопанска со 110 и Шпаркасе со 68 нови сметки.
Без промени во распоредот и кај градежништвото, со новоотворените 894 фирми: Халк банка – 283, НЛБ банка – 148, Комерцијална банка – 131, Стопанска банка Скопје – 110, Шпаркасе банка – 48 отворени сметки во 2024 година.
Мало изместување од редот е воочливо во дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Се појавува УНИ банка како петопозиционирана меѓу избраните матични банки, со 49 нови сметки. Инаку, од 803 фирми колку што се формирани, 230 се определиле за Халк банка, 135 за НЛБ банка, 130 за Комерцијална банка и 80 за скопската Стопанска банка.
Во текот на 2024, во рамките на преработувачката индустрија биле стартувани 696 фирми. Сметките на 163 се наоѓаат во Халк банка, а на 107 во НЛБ банка. Со 112-те сметки Стопанска банка има предност пред Комерцијална банка, каде што биле отворени 103 сметки. На овој начин со Шпаркасе банка започнале соработка 47 фирми.
И СКОПЈЕ, И ТЕТОВО… ЈА БИРААТ ХАЛК БАНКА
Најголеми можности, најмногу жители и најмногу фирми – 3.326 – отворени во Скопје. Повеќе од една третина насочени кон Халк банка, каде што имаат сметки 957 од новосоздадените фирми. Скопјани ја преферираат и најголемата домашна банка, Комерцијална банка. Таму лани биле отворени 750 сметки. А, 680 од сопствениците на новите бизниси се обратиле кај НЛБ банка, 315 кај Стопанска и 173 кај Шпаркасе банка.
И тетовци најмногу доверба, според регистрираните 129 новоотворени сметки, имаат во Халк банка. Во тој град лани биле започнати 470 бизниси, од кои 76 се решиле за соработка со ТТК, банката основана од тетовскиот Тетекс. Исто така, по 52 сметки се отворени во Комерцијална и во ПроКредит банка, а 47 во Стопанска банка Скопје.
Извор: Бизнис Мрежа
Првиот избор на новоформираните 369 фирми во Битола бил НЛБ банка, каде што се отворени 80 сметки. Халк како матична банка е решение на 64 од нив. За Стопанска банка се определиле 53, за Комерцијална 48, а 25 за Шпаркасе банка.
Халк банка лани стекнала 116 нови клиенти од Струга и 84 од Охрид. Во двата града на Охридското езеро, во петте банки со најмногу отворени сметки од новите фирми е и УНИ банка. Каде што лани е започната соработка со 48 струшки и со 28 охридски фирми.
НАЈБРОЈНИ СЕ ДООЕЛ И МИКРО ФИРМИТЕ
Најголемиот дел од новите фирми се регистрирани од еден човек. Или како друштва со ограничена одговорност основани од едно лице. Минатата година во тој формат биле создадени 4.802 фирми. Од нив, 1.296 имаат банкарски сметки во Халк банка, 911 во НЛБ банка, 835 во Комерцијална банка, 571 во Стопанска банка Скопје и 297 во Шпаркасе банка.
Од регистрираните 1.561 субјект, кои не се ДООЕЛ, ДОО… туку се заведени во ставката друго, најбројни се оние кои се насочиле кон услугите на НЛБ банка – 334. Со 297 отворени сметки следува Комерцијална банка, а потоа со 266 е Халк банка.
Друштва со ограничена одговорност се 1.182 од новите фирми. Кога станува збор за изборот на банка, состојбата е: Халк банка (388), Комерцијална банка (199), НЛБ банка (180), Стопанска банка (111) и Шпаркасе банка (72).
Исто така, најмногу од новите трговци поединци, од ПДОО субјектите и подружниците изразиле желба за соработка со Халк банка.
Извор: Бизнис Мрежа
Многу малку големи и мали, но многу микро фирми се формирале лани. За варијантата со најмногу десет вработени се одлучиле 8.164 лица. Кои, паралелно со основањето на фирмите, избрала кон која банка ќе пристапат како клинети. Во 2.096 случаи тоа била Халк банка. А, во 1.500 – НЛБ банка. За Комерцијална банка се определиле 1.414 од микро субјектите.
Формираните 12 мали фирми се распоредени по две во Халк, Комерцијална и Шпаркасе банка. И, по една во НЛБ и Стопанска банка Скопје. Лани почнале да работат и три големи фирми, чија определба била НЛБ банка.
Новинар: Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска