Најмалку еден месец „Агромеханика“ нема пристап до официјалниот пазар на Берзата. Поради непочитување на обврските што ги налагаат берзанските правила, донесена е одлука за долгорочна суспензија од страна на Одборот на директорите на Македонска берза.
„Ве известуваме дека согласно Одлука на Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје, на друштвото Агромеханика АД Скопје, котирано на Официјалниот пазар на Берзата, на подсегментот Задолжителна котација, му е изречена мерка долгорочната суспензија од котација, поради континуирано неисполнување на обврските согласно Правилата за котација. Мерката долгорочна суспензија од котација се изрекува за период од најмалку 30 дена од денот на суспендирање (29.01.2025 година), и трае до отстранување на причините поради кои е изречена оваа мерка“, се веи во објавата наменета за инвеститорската јавност.
Притоа, следи појаснување дека во текот на реализацијата на оваа одлука, „Агромеханика“ не го губи статусот на котирано друштво. Со напомена дека во односите со трети лица и во јавноста друштвото мора да истакнува дека е долгорочно суспендирано од котација на Берзата. Исто така, за времетраење на мерката, „Агромеханика“ нема постојани обврски за известување.
„За времетраење на мерката долгорочна суспензија, хартиите од вредност издадени од Агромеханика АД Скопје се тргуваат на Редовниот пазар на Берзата, на подсегментот Слободен пазар, при што за издавачот важат законските обврски за известување за тој подсегмент“, наведено е во известувањето, во кое се доева дека со донесувањето на оваа одлука се укинува претходниот заклуок 10.11.2020 година за внесување на Агромеханика на Листата за набљудување. Што значи, се брише од таа листа.
Според берзанските правила, кон мерката суспендирање од котација се пристапува доколку состојбата во која се наоѓа издавачот, неисполнувањето на обврските или постоењето на други специфични околности го загрозуваат или може да го загрозат редовното функционирање и интегритетот на пазарот, или кога тоа го налага заштитата на инвеститорите. Мерката може да биде краткорочна, што подразбира суспензија до максимум 30 дена, или долгорочна како во случајот со „Агромеханика“, која следи за издавач кој континуирано не ги исполнува обврските согласно Правилата за котација.