ПОВЕЌЕ

    ДЕНЕС МНОГУ РАБОТИ МОЖАТ ЛЕСНО ДА СЕ РЕШАТ, само прашај го GPT: Игор Трајковски во New Biz

    Време зa читање: 6 минути

    Интензивно се развиваат моделите на вештачката интелигенција, со што нештата добиваат нови текови, а се менуваат и навиките. Едноставно, сѐ е полесно, многу работи можат да се поправат и средат, но и да се влошат. Што ќе превагне, професорот на Финки и сопственик на Тајм.мк не знае, но сигурен е дека сите области од човековото постоење и активност драматично и од корен ќе се изместат. Своите ставови и размислувања ги споделува во поткастот New Biz.

    Во однос на пребарувањето Гугл ги губи позициите, а во тренд се Јутјуб, Тик-ток, ChatGPT search, особено кај генерацијата зет.

    „Изгледа, и јас сум генерација зет. Гугл го исклучив во 99 проценти, можеби за локации, фирма да најдам, зашто е таков каков што го знаеме, иако ветуваа промени во пребарувањето. Поставуваш барања, и тука тој чекор не е толку лесен, прашањето што го имаш во глава да го преведеш во правилни клучни зборови. Затоа некои луѓе не знаат добро да пребаруваат. Не можеш да напишеш како што ќе ти дојде, како што може на новиве системи. И да ги погодиш дури, ќе ти даде документи што се релевантни за твоето прашање. Ова бара многу, а тоа е попросто. На новите системи пишуваш на природен јазик, како што ти е во главата, нема отворање страни, нема барање, нема реклами… Е сега, кај новите системи има две опасности, не покриваат сѐ, зашто сепак, работат статистички. Гугл е поексплицитен – тука читај и барај нешто, па овде. Тука некако целото знаење од цел интернет е ставен во еден модел, „црна кутија“ од каде се вадат информации кои некогаш можат да бидат и грешни. Сега засега најдобар лек е за нешто што ти е битно да се користат повеќе паралелни системи, или кога ќе ја најдеш информацијата да ја провериш на Гугл. Иако сега постојат Chat GPT, Gemini… го даваат и изворот на информацијата. Дефинитивно, натаму е насоката. Нема назад, тоа е иднината, забораваме на системите како Гугл“, дециден е Трајковски.

    Вели, не е експерт за да каже каква ќе е иднината на електронската трговија и на социјалните мрежи во време на експанзија на вештачката интелигенција, но сигурен е: „Не само за тие две области, нема да постои област од човековото постоење и активност што нема драматично да биде од корен изместено“.

    Што се однесува до опасностите од новите технологии, вели алатката е моќна и опасноста доаѓа од тоа кој и за што ќе ја користи.

    „Опасноста е повеќе во однос на тоа колку моќна алатка добиваме, која ќе биде искористена од луѓето на планетава и елитиве. Ако земеме дека досега сме дојдени до оваа точка, во која има многу простор за подобрување во поглед на човековите права, загадувањето на околината, колку имаме свесност за тоа, морално-етички, во однос на класните разлики… сето тоа на крајот се сведува на проекција на нашата умствена состојба. И досега сме можеле да работиме на тие работи, но сме дошле до ова до кај што сме. Кога на таа човекова психологија ќе со додаде уште, само ќе се амплифицира со тоа. И во добра и во лоша насока со помош на оваа нова технологија. Опасноста е тука, тој лошиот дел до каде може да отиде. А, и како што оди трендот нашата перцепција за реалноста да ја формираме многу повеќе од дигиталните канали, таа реалност што ќе ни биде презентирана, ќе биде сѐ повеќе и повеќе синтетички генерирана, за одредени фактори, центри, лоби групи да нѐ туркаат во одредена насока и да го формираме нашиот светоглед. Ќе настане таква една битка… да се одредува што е реалност – што не, што е синтетички, што е точно, а што не. Навистина ќе има и такви кои ќе нѐ бранат, ќе ни ја објаснуваат реалноста, но и такви со фејк реалност. Зашто, во овие системи ќе бидат многу помоќни и тие што ќе нѐ бранат и тие што ќе напаѓаат. Само не знам ние од страна што ќе правиме, каков фактор ќе бидеме во однос на тоа“.

    За одбрана во таква ситуација, од помош може да биде вештачката интелигенција. Тие што не знаат како треба, само нека го прашаат GPT.

    „Денес полесно можеш да прашаш и да се информираш што да направиш, на што да пазиш. Тие чекори да ги имплементираш, а што не разбираш, да се консултираш со експерт како да го направиш тоа. Многу е поедноставно тој основен степен на заштита да се крене, доколку има интерес сопственикот на системот. Често ги критикувам државните сајтови за ниската заштита. Лесно е денес многу работи да се решат, само прашај го GPT. На крајот, сѐ се сведува на волјата. Проблемот во целата наша држава, посебно во државниот сектор е што се нема волја да се средат работите. Сѐ може да се направи со волја. Дури и експертиза можеш со картичка на нет да купиш“.

    И, повторно за медиумите, сајтовите, поткастите кои сѐ повеќе ги има.

    „Има експанзија на културата на правење поткасти и мислам дека е добро за сите, да не е тоа централизирано. Тој дискурс општествен да не го диктираат само големите медиумски куќи. Туку да можат поединци, кои најчесто не би ги викале во големите медиумски куќи, да кажат нешто за својот светоглед. Има разно-разни експерти од разно-разни области. Моментално немаме некој престрог начин кои поткасти да ги вклучиме, зашто сѐ уште нема многу. Веројатно, кога би станале како сајтовиве, стотици, ќе воведеме и некои филтрирања, рангирања. Моментално, само ги прибираме сите поткасти, гледаме да има барем 20-30 видеа и да се уште активни. Тоа ни е моментален услов да ги додадеме“.

    А, кога се во прашање порталите, уверен е Трајковски, дефинитивно има заситеност на пазарот. Сепак, додава, зависи за што.

    „Бројот на сајтови расте и нема поента прашањето дали се многу. Секоја фирма може да има свој сајт. А во однос на вести, мислам дека има премногу, голем број без додадена вредност.

    Можам да кажам, од тие 150 сајта што ги индексираме, кога ќе ги собереш сите вести во последната недела, 68 проценти се копии. Повеќе од две третини од сите вести што се продуцираат се копија една од друга. За копија ги сметаме оние со десеттина сменети зборови. Тоа дава сигнал за рециклирачка култура“, заклучува Игор Трајковски, кој прашан што е повеќе – професор, програмер, бизнисмен, вели: „Доаѓам од академска средина и би се оквалификувал како истражувач и научник во одредена смисла, но професионално не би рекол дека сум тоа. Мала форма на претприемач, затоа што се занимавам со мала фирма. И, нормално, програмер. Но, не би кажал дека сум бизнисмен. Сакам да се фокусирам на едно и да сме најдобри во тоа“.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично