Заклучно со септември минатата година во хотелско-угостителскиот сектор се слеале 270,2 милиони евра. Нашите сограѓани, како и туристите што ја посетиле Македонија толку пари потрошиле на храна, пијалаци и ноќевања, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, објавени на последниот ден од претходната година.
Угостителите и хотелиерите може задоволно да ги тријат рацете за сработеното во овој период, затоа што имаат остварено поголем приход отколку претходната година во истиот период од 9 месеци. Приходот во 2023 година заклучно со септември бил 246,5 милиони евра, или за 23,7 милиони евра помалку од оној во 2024 година за истиот период. Сепак, мора да се земе предвид дека дел од растот на приходот се должи на инфлацијата којашто во угостителскиот сектор во деветте месеци од 2024 година во однос на деветте месеци од 2023 година изнесувала 5,5 насто. Но, факт е дека дури и да се додаде тој процент на прометот за периодот од јануари до септември 2023 година ќе се добијат 260 милиони евра, што пак е помалку од ланскиот приход од 270,2 милиони евра, покажува пресметката на порталот Пари.
Во структурата на прометот, најмногу пари се трошат за храна и напивки (кафе, чај…), па за пијалаци, а дури потоа се ноќевањата.
Минатата година, за девет месеци за храна и за напивки се потрошени 146,1 милиони евра, а годината пред тоа, во истиот период, биле потрошени 131,3 милиони евра. Математиките се исти, растот на приходите делумно се должи на инфлацијата, а делумно на тоа што повеќе се одело по кафеани и кафулиња.
На разни пијалаци во угостителските објекти македонските граѓани и туристите лани за 9 месеци потрошиле 56,8 милиони евра, а преклани 52,9 милиони.
Ноќевањата на туристите, домашни и странски, ги чинело 51,2 милиони евра лани и 44,3 милиони евра преклани.
ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ЛЕТОВО?
Во целата статистика, најинтересно е летото. Пресметките се особено важни и за оценување на искористеноста на туризмот како стопанска гранка. Податоците покажуваат дека лани во третиот квартал во угостителско-хотелскиот сектор е направен приход од 115 милиони евра, што е 42,6 насто во однос на вкупниот приход од сите 9 месеци.
Ланскиот трет квратал е подобар од прекланскиот. Номиналниот раст е 11,4 насто, а реалниот, со вклучената инфлација во овој сектор е 5,9 насто.
КОЛКУ ПРИДОНЕЛЕ ТУРИСТИТЕ ВО ПРИХОДОТ НА УГОСТИТЕЛСКО-ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР?
Според податоците од Државниот завод за статистика, лани заклучно со септември, во Македонија имало 1.030.681 турист, од кои 360.140 биле домашни, а 670.541 биле странски. Остварени биле вкупно 2.834.406 ноќевања, од кои 1.596.269 од домашни туристи, додека 1.238.137 биле од странски туристи.
Ова се подобри резулати отколку во 2023 година, кога имало вкупно 952.022 туристи и вкупно 2.699.279 ноќевања за 9 месеци.
Сите овие туристи, и домашни и странски, секако, го хранеле угостителско-хотелскиот сектор.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска