Раст на приходите за 25 проценти, добивка од 5,5 милиони евра, иновации, поголема понуда и нови терапии, отворање на првите претставништва во странство… се зацртаните планови на „Реплек“ за идната 2025. Јубилејна за нив, одбележуваат 80 години постоење.
Проекциите се во рамките на петгодишниот план, а 2025 е трета година по ред во која се очекува компанијата да достигне 25-процентен раст на приходите од продажбата во сегментот фармација. Или, од 31 милион евра очекувани приходи за годинава на 39 милиони евра во 2025, што треба да се реализира и на домашниот и на странските пазари.
На домашен терен, најавуваат од компанијата, продолжуваат со стратегијата за зајакнување на присуството – продажбата треба да постигне напредок за 21 насто, од 8,1 милион евра на 9,8 милиони евра.
Тој тренд, според очекувањата, би требало да се забележи и на странските пазари. За идната година се смета на раст од 26 проценти, од 23,1 милион евра на 29,2 милиони евра.
Освен тоа, од „Реплек“ најавуваат дека идната година ќе ги отворат и првите претставништва надвор од Македонија. Во Србија претставништвото ќе почне со работа веќе во привата половина од 2025, а во втората се очекуваат и првите продажби од претставништвото во Босна и Херцеговина.
„Покрај пораст на приходите од продажба, Реплек активно работи на подобрување на ефикасноста на процесите а со тоа и подобрување на профитабилноста. Реплек останува посветен на реализација на објавениот долгорочен план и во делот на профитабилноста, со што очекуваната добивка за 2025 останува на ниво од 5,5 милиони евра“, посочуваат од фармацевтската компанија, која во своите редови има над 400 вработени и со своите производи е присутна на повеќе од 25 меѓународни пазари.