Инфлацијата во ноември има годишна стапка од 4,3 проценти, измерена преку индексот на трошоците на животот. Цените на мало, пак, се повисоки за четири проценти.
Во споредба со октомври, месечната инфлација е еден проценти, соопштија од Државниот завод за статистика. Тоа се должи на зголемувањето на трошоците на животот во неколку групи, при што најмногу поскапеле храната и безалкохолните пијалаци – за 2,1 %. Следуваат рекреација и култура, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,5 %, ресторани и хотели за 0,8 %, облека и обувки, здравје за 0,2 %, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 %.
Наспроти тоа, статистиката забележала пониски месечни трошоци само во три групи – во транспорт за 0,9 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,3 %, разновидни стоки и услуги за 0,1 %.
Трошоците на животот во групите комуникации и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во ноември 2024 година во однос на октомври 2024 година изнесува 100.3.
За потсетување, вредноста на синдикалната минимална кошница за еден месец се крена за 772 денари. Во неомври изнесуваше 62.021 денар. А, само за храна и пијалаци биле потребни 22.678 денари. Или, 36,6 отсто од вредноста на целата кошница.