Економската и политичката стабилност на Владата дава резултати, Македонија за 2024 година бележи рекорден прилив од странски директни инвестиции со можност да достигнат една милијарда евра, изјави на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
„Странските директни инвестиции во периодот јануари-септември достигнаа 838,2 милиони евра, што е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година и убедлив рекорд во изминатите дваесет години.
После долги години на дното, за првпат државата има можност годинава да стигне до прилив на странски директни инвестиции до една милијарда евра“, нагласи Митева.
Таа посочи на податоците од третиот годинешен квартал, според кои приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281,6 милиони евра.
„Ваквиот прилив се должи на економската и на политичката стабилност која ја покажуваме како Влада, на предвидливоста и стабилноста која ја имаат компаниите, на посветеноста и заложбата во процесите и пристапот кон нулта толеранција за корупција кои беа индикатори за намалени инвестиции годините наназад“, рече портпаролката.
СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА: „Растуриле“ во изборната 2024 година!?
Митева потсети на договорите што ги склучи Владата:
„За само неколку месеци успеавме како Влада да склучиме договори со многу инвеститори како „Алказар Енерџи“ – ветерниот парк, каде ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Во текот на изградбата на ветерниот парк се очекува да бидат отворени 630 нови работни места. „Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра и отворени нови 110 работни места. Новата инвестиција на „Костал“ од 45 милиони евра со нови 250 вработувања“.
Во следниот период, според владината портпаролка, се очекуваат многу нови инвестиции, а и натаму посветено ќе се работи на полето за привлекување странски директни инвестиции.