До 2027 година на балканскиот простор ќе бидат отворени пет нови Hyatt Regency хотели и ресорти. Како топ локации се одредени Романија, Албанија, Србија и Хрватска, информираат од компанија Hyatt Hotels Corporation со седиште со САД.
Ова проширување, како што пренесува SeeNews, за 70 проценти ќе го зајакне брендот Hyatt Regency на Балканот, а овој план и неговата реализација се поттикнати од успехот постигнат во Бугарија.
За само три години Бугарија стана најголемиот пазар на Хајат во Источна Европа, со шест хотели и одморалишта кои се во функција, а седмиот ќе се отвори во текот на 2025 година. Ресортот Hyatt Regency Pravets, кој работи од лани, ја нагласи стратешката важност на Бугарија за брендот.
Во плановите кои треба да се заокружат се отворањето на Hyatt Regency во Задар, Хрватска (2025), два во Албанија, од кои едниот во Рирана (2026), во Нови Сад, Србија и во Брашов, Романија (2027 година).
Брендот Hyatt Regency неодамна влезе на романскиот пазар со партнерство со тамошната угостителска компанија Aro Palace (BSE:ARO) во Брашов. Хотелот во тој град, кој работи од 1939 година, ќе биде целосно реновиран, а ќе има 250 соби.
Експанзијата низ Балканот е дел од пошироката стратегија на Хајат во ЕАМЕ (Европа, Африка и Блискиот исток) по рекордната 2023 година по бројот на потпишаните договори. „Ланското отворање на Hyatt Regency ресортот и успешното воведување на нашите брендови Inclusive Collection во Бугарија го покажуваат идниот раст на нашиот бренд долж Балканскиот полуостров“, изјавил генералниот директор на Hyatt задолжен за тие простори, Мишел Морау.
Корпорацијата Hyatt Hotels со седиште во Чикаго има повеќе од 1.350 хотели низ 79 земји.