ПОВЕЌЕ

    Кој може да го мери профитот со банките?

    Време зa читање: 5 минути

    За девет месеци добивка од 19.234.336.166 денари или 312,7 милиони евра со заеднички сили оствариле 68 друштва кои котираат на Македонска берза. Постигнатиот резултат за 17,97 проценти ги надминува оние од истиот минатогодишен период – 16.304.814.018 денари, односно 265,1 милион евра.

    Најпрофитни се банките. Носители се на 54,15 отсто од вкупната добивка. Што значи, учеството на 59 компании распоредени во девет други дејности е 45,85 проценти со од 143,4 милиони евра.

    Како и во споредбениот период, загуби запишале 21 друштво. Пари ги анализираше податоците од официјалниот берзански преглед на финансиските резултати постигнати од јануари до септември годинава, каде што се гледа дека вкупниот минус од 739.606.520 денари (над 12 милиони евра) е намален во однос на ланската состојба, кога негативното салдо се броело со 1.096.540.329 денари (17,8 милиони евра).

    Освен тоа, од десетте дејности во кои спаѓаат котираните друштва, кај четири е евидентирана пониска вкупна добивка. Најголемиот минус е 78,64 отсто во осигурувањето, каде што се застапени две компании, а најмалиот од 5,34 проценти во услуги со 18 фирми.

    Што се однесува до другите шест дејности, најголема процентуална промена е евидентирана во трговијата, каде што 12 друштва го зголемиле заедничкиот профит за 133,27 насто. Најнискиот раст е 7,87 проценти и се однесува на фармацијата, која е во четирите најпрофитабилни дејности, а на берзата котираат „Алкалоид“ и “Реплек“.

    Од добивките и загубите е пресметана вкупната нето-добивка од 18.494.729.647 денари, што е противвредност на околу 300 милиони евро. Со тоа, компаниите што котираат на берзата за една година го зголемиле износот за 21,61 насто. За споредба, лани во истиот период се работело за 15.208.273.689 денари (околу 247 милиони евра).

    Освен во банкарскиот сектор, со износи изразени во милијарди денари се и вкупните нето-добивки остварени од друштвата што котираат на берзата од уште три дејности – индустрија, услуги и фармација. Близу до тој праг од една милијарда денари е и трговијата со нафтени деривати. Всушност, тоа се топ 5 дејностите според заедничкиот профит.

    Банки – На берзата се тргува со акциите на седум банки. За девет месеци креирале профит од  10.416.426.235 денари или 169,37 милиони евра (лани во тој период 8.295.178.796 денари/134,8 милиони евра). И има разлика од 25,57 проценти. Најголемиот исчекор кај добивката го направила Комерцијална банка (45,11%), која убедливо предничи со износот од 72 милиони евра. Скопската Стопанска банка има зголемување од 12,54%, а НЛБ банка 11,55%. Повисока добивка има и УНИ банка, за 0,34%. Пад кај профитот бележат две банки: ТТК (-9,45%) и Централна кооперативна банка (-11,82%). Стопанска банка Битола, пак, со остварената добивка се извлече од претходниот негативен финансиски резултат.

    Индустрија – Заедничкиот нето-профит изнесува 2.770.167.301 денар (над 45 милиони евра). Надминат е за 53,2 насто во споредба со ланскиот деветмесечен резултат (1.808.189.934 денари/29,4 милиони евра). Инаку, од 35-те друштва од дејноста индустрија, седум работеле со загуба.

    Меѓу оние 28 профитабилни, кај 12 компании има пад на добивката, кој се движи од 10% (велешки „Димко Митрев“) до 84,63% (МЗТ Пумпи).

    Услуги – Од оваа дејност на берзата се 18 друштва. Од јануари до септември нивната заедничка добивка е во износ од 1.940.668.000 денари (31,5 милиони евра). И, е за 5,34% помала од минатогодишните 2.050.129.439 денари (33,3 милиони евра). Ова, всушност, е одраз на состојбите во одделни компании – седум одработиле со загуба, а шест со пониска добивка во однос на споредбениот период.

    Најголем пад на профитот од 80,18% е запишан кај Дебарски бањи – Цапа, додека најголемото поместување од 362,04% има кај Лотарија на Македонија.

    Фармација – Две скопски компании се на берзата од доменот на фармацијата, каде што нето-добивката е 1.516.873.451 денар или 24,6 милиони евра. Од аспект на ланските 1.406.141.777 денари (22,8 милиони евра), постигнато е зголемување од 7,87%. Во деветмесечниот период, поголем е растот на добивката на „Реплек“ – за 22,35%. Со оглед на тоа што „Алкалоид“ е најголемата и најуспешна фармацевтска куќа во Македонија, има значително повисок профит чиј износ е во милијарди денари.

    Трговија со нафтени деривати – Заедничкиот профит на двете друштва за една година опаднал за 5,92 отсто. Станува збор за износ, произлезен од деветмесечното работење, од 933.590.185 денари, односно 15,1 милион евра. Минатата година, пак, остварувањето било 992.356.936 денари (16,1 милион евра). Гледано засебно, добивката на „Макпетрол“ за една година се зголемила за 17,83%, а на „Окта“ се намалила за 57,95%.

    На Македонска берза котираат 93 друштва. Од нив, четири се долгорочно суспендирани: „АрцелорМиттал“ (ХРМ) АД Скопје, „Тајмиште“АД Кичево, „Благој Туфанов“ АД Радовиш и „Трудбеник“ АД Охрид.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично