ПОВЕЌЕ

    Азески: Со заедничка помош на државата и на банките бизнисот овојпат ќе ќари

    Време зa читање: 4 минути

    Бизнисот секогаш има потреба од пари за инвестиции, а државата со унгарскиот кредит и банките со намалување на нивните редовни каматни стапки, заедно треба да помогнат бизнисот да направи чекор и да не се срамиме веќе од бројките од 1,8 проценти раст на БДП, туку да се дигне како што е предвидено на 3-4 проценти, за да можеме да бидеме во рамноправна трка со сите, изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. Иако не е поканет, барем засега, се надева дека на претстојната викенд средба меѓу Владата и банките ќе се најде решение што ќе биде во интерес на бизнисот, од аспект на каматата и провизиите.

    „Го следам процесот како и сите заинтересирани и во колумна го изнесов својот став. Може тој да се коментира и вака и така, но ние бизнисмените не можеме да се согласиме, односно да содејствуваме во една состојба во која имаш пари на сметката, а не знаеш што да правиш со нив. Значи, еден ден да седат, за нас е тоа изгубено време. Мислам дека е време да се разреши тоа прашање и дека имаат капацитет и Владата и банките да го разрешат тоа прашање и се надеваме дека тоа ќе биде во интерес на фирмите, бидејќи овие средства се наменети баш за нив“, одговори Азески на новинарско прашање, по потпишувањето договор за соработка со Транспаренси Интернешнл – Македонија.

    Предводникот на СКСМ смета дека провизијата што ја бараат банките за заемот не може да биде баснословна.

    „Се знае колку е провизијата во однос на каматата. Така што ќе биде тоа во рамките на очекувањата на бизнисот. Бизнисот секогаш има потреба од пари за инвестиции и од она што го знаеме од анкетите ќе има инвестициски програми кои чекаат на реализација. Заеднички банките со смалување на нивните редовни каматни стапки за инвестициски активности и државата со оваа помош треба да помогнат бизнисот да направи чекор и да не се срамиме веќе од бројките од 1,8 проценти раст на БДП, туку да се дигне како што е предвидено на 3-4 отсто за да можеме да бидеме во рамноправна трка со сите. Вака со просек кој е на ниско ниво 30 години, практично, ја загрозуваме иднината на нашите деца и не можеме да го спречиме процесот на иселување“, категоричен е Азески, кој воедно тврди дека „банките во делот на бизнисот се со најпрофесионална структура, а Владата има голема одговорност на почетокот од мандатот да направи добар потег“.

    За тврдите банкарски позиции по прашањето на каматите и трошоците, Азески вели дека секој го брани своето, но треба „да има компромис кога се работи за државата“.

    Исто така, Азески е на мислење дека бизнисот овојпат ќе ќари.

    „Мислам дека бизнисот овојпат ќе ќари, нема каде да се оди. Едните треба постојано да се докажуваат, другите се на почеток на мандатот, а ние сме тие што треба да ги искористиме тие средства на најадекватен начин. Тоа значи, и понатаму извозот да остане приоритет број еден, со тоа да се подобри продуктивноста и иновативноста и можеме на тој начин да создадеме додадена вредност со која што ќе ги враќаме долговите којшто ги направил некој пред нас“, вели претседателот на Стопанската комора.

    Во недела, во Министерството за финансии ќе се одржи состанок со банките, на кој треба да се одредат трошоците поврзани со парите од унгарскиот заем во делот наменет за фирмите. Како што претходно се изјасни премиерот Христијан Мицкоски, банките ќе да одлучат дали ли ќе бидат општествено одговорни и дали ќе им наплаќаат или не, дополнителни трошоци на компаниите за кредитирањето со унгарските пари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично