Започна процесот на доделување потврди-ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди, информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Над шест илјади ваучери во износи до 500 евра им следуваат на домаќинствата кои ги исполниле критериумите од јавниот повик, кој на први февруари беше објавен на веб-страницата од Министерството за економија.
Списоците се веќе објавени, а се врши и дистрибуција на ваучерите до општините, кои граѓаните ќе можат да ги подигнат од специјалните регионални канцеларии, отворени за оваа намена. Локацијата и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството за енергетика.
Граѓаните, како што е предвидено, ќе можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември. По овој рок, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.
Според Јавниот оглас за финансиска поддршка за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за потрошувачи од ранливата категорија, лицата со ниски примања – до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена и до 35.000 денари за домаќинство со три члена – добиваат ваучери од 27.000 денари. На избраните четиричлени семејства им следуваат ваучери од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Освен тоа, неранливите потрошувачи од Пелагонискиот и од Југозападниот регион преку ваучерите добиваат помош од 25.000 денари, а од останатите региони по 23.000 денари.
„Со цел појаснување на процесот, важно е да се напомене дека конкурсот и изборот на корисниците беа управувани од Министерството за економија, кое беше надлежно и за евалуација и за конечниот избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери.
По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите. Овој обемен процес е успешно координиран од тимот на Министерството, обезбедувајќи навремено доделување на ваучерите пред почетокот на зимската сезона“, се наведува во известувањето од Министерството за енергетика.