Во Виница изминатите неколку години се развива визионерски и трансформативен проект – нов тренинг и иновативен центар кој ги опслужува потребите на компаниите и поединците од региониот за развој на менаџерски и технички вештини и нуди нови можности за професионална надградба. Под покровителство на компанијата МАКПРОГРЕС, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Владата на Јапонија, формирана е Фондацијата Прогресив Академија која спроведува две сертифицирани академии:
- „Винчини академија за кондитор, слаткар и пекар” која се фокусира на практични обуки, кои ги следат најновите технолошки стандарди преку користење на модерна технологија.
- „Академијата за претприемништво и менаџмент”, наменета за развој на лидерски и менаџерски вештини и на поддршка на младите претприемачи.
За влијанието и важноста на овој проект, разговараме со Билјана Марковиќ Стаменова, aкадемски директор на Академијата за менаџмент и претприемништво, како и извршен директор на PrimePoint Partners, консултантска компанија која од 2019 година работи на креирање на програмите за развој на вештини во рамки на Прогресив Фондација.
Пари: Г-ѓа Марковиќ Стаменова, во тек е уписот на четвртата генерација на учесници на „Академијата за претприемништво и менаџмент“. Kако започна Академијата и кој беше главниот мотив зад нејзиното формирање?
Марковиќ Стаменова: Академијата, која е првата сертифицирана програма за менаџмент и претприемништво во Македонија, започна со работа во 2021 година како одговор на евидентната потреба за усовршување на менаџерските капацитети во регионалните компании. Дополнително, со оглед на големиот број на семејни фирми во регионот, утврдена беше потреба за развој на вештините кај наследниците на семејни бизниси кои се во процес на транзиција во сопственичката структура, а истовремено се соочуваат со експанзија на бизнисот, нови вработувања и освојување на нови пазари. Овој јаз кој го воочивме, ни беше инспирација да создадеме наставна програма која ќе им овозможи на менаџерите да стекнат лидерски вештини и да се запознаат со најновите глобални трендови од областа на менаџментот. Веруваме дека континуираното учење и надградба на вештини се клучни за менаџерите заради динамиката на современите пазари, која бара флексибилност и способност за брзи промени. После 3 години континуирано спроведување на Академијата и повеќе од 40 алумни, со големо задоволство го најавуваме уписот за четвртата генерација на учесници.
Пари: Кој е специфичниот фокус на програмата и за кого е наменета?
Марковиќ Стаменова: Академијата е наменета за менаџери од средно до високо ниво на менаџмент во мали, средни и големи компании, сопственици и наследници на семејни бизниси, инженери и технички лица на менаџерски позиции на кои им се потребни нови алатки и вештини од областа на менаџментот, стартап фирми и млади талентирани професионалци. Програмата комбинира технички и лидерски знаења, со фокус на стратешко планирање, управување со финансии, организациска трансформација, оперативен менаџмент, продажба и маркетинг, бизнис стратегија, дигитализација и вештачка интелигенција. Воведовме и теми за меки вештини, како емоционална интелигенција, ефективна комуникација, менторство и коучинг, за да ги подготвиме учесниците за поуспешно водење на тимови и управување со таленти. Предавачи се лица кои работеле на врвни менаџерски позиции во меѓународни компании, како и експерти и професори со големо академско познавање. Програмата е прилагодена да одговори на потребите на пазарот, овозможувајќи им на учесниците да развијат способности неопходни за современото управување.
Пари: Кога ќе започне Академијата за претприемништво и менаџмент и какви се критериумите за упис?
Марковиќ Стаменова: Уписите за четвртата генерација на учесници во Академијата се веќе отворени, а обуката започнува на 8ми ноември 2024 година. Академијата нуди висококвалитетна и сертифицирана програма, која трае шест месеци и се одржува во деновите петок и сабота, два пати месечно. Предавањата траат од 10 – 17:00 часот, а цената на целата програма е 1,500 евра, со попусти за повеќе лица од една компанија. Кандидатите треба да имаат три години искуство на менаџерска позиција и минимум средно четиригодишно образование.
Пари: Обуките се одржуваат во уникатниот простор „Винчини развоен центар“ во Виница. Кои други можности ги нуди овој развоен центар?
Марковиќ Стаменова: Винчини развојниот центар е модерно опремен простор кој стимулира учење, иновации и креативност. Центарот се наоѓа на влезот на Виница, на околу 1 час од Скопје и нуди исклучнително добри услови за работа и учење. Во просторот се наоѓаат различни сектори, вклучувајќи простории за одржување на обуки, ко-воркинг простор и креативен простор. Во просторот има и Центар за истражување и развој кој е посветен на развој на нови производи во кондиторската индустрија користејќи најсовремена опрема од областа на кондиторство.
Тука се одржува и Винчини Академија, која овозможува доквалификација и преквалификација во прехранбената струка со цел брза интеграција на пазарот на труд. Во соработка со неколку средни школи од регионот, воведовме програми за дуално образование за прехранбени паралелки преку кои средношколците ќе можат да развијат практични вештини. Освен тоа, како дел од активностите кои ги имплементира Прогресив Академија се и програми за стартап фирми, програми за развој на млади преку кариерно советување и поддршка за вработување, итн.
Пари: Какви се плановите на Прогресив академија за иднината?
Марковиќ Стаменова: Прогресив Академија има за цел да прерасне во водечки тренинг центар нудејќи можности за развој на менаџерски и технички вештини, како и програми за развој на млади со цел нивно задржување во регионот. Нашата посветеност кон квалитет и поддршка на заедницата се препознаени од меѓународни донатори со кои Прогресив Академија соработува на неколку проекти, како ЕБОР, УСАИД, Регионалниот фонд за предизвици, итн. Нашата визија е да ја прошириме менаџерската програма со кратки специјализирани курсеви како и компаниски обуки за менаџерските тимови со тим билдинг во Виница и соседните градови. Дополнително остануваме посветени на одржување на обуки за млади како кариерно советување, подготовка за влез на работно место, можности за пракса и менторство, итн.
Пари: Што значи за Вас и за тимот на Прогресив Академија придонесот кон заедницата кој го остварувате преку овие обуки?
Марковиќ Стаменова: Ние сме навистина среќни што во ситуација на глобална пандемија, економска криза за компаниите, како и голем број на други предизвици со кои се соочивме, Академијата продолжи да гради успех и да обезбедува поддршка за компаниите, претприемачите и младите од регионот. Не е едноставно едукативен тренинг центар да се позиционира во Источна Македонија и да стане препознатлив по своите програми, а тимот на Прогресив Академија успеа да го направи токму тоа. Преку посветеноста и вербата дека само највисоко ниво на квалитет може да придонесат кон одржливост и развој, продолжуваме да градиме приказна која веруваме дека ќе има долгорочна трансформативна улога за врз личниот развој на нашите учесници и на заедницата. Вложувањето во образованието е инвестиција во одржливост и конкурентност на компаниите.
Сите заинтересирани за Академијата за претприемништво и менаџмент може да прочитаат повеќе информации за модулите, темите, инструкторите и начинот за упис на следниот линк: