Двајцата правници и доктори на науки, Игор Камбовски и Стевчо Јолакоски, добија согласност од Народната банка за членување во Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола. Информацијата за промените во овој орган на управување е споделена преку Македонска берза.
Со решенијата за издавање на претходна согласност од НБРСМ, Камбовски и Јолакоски се и официјално дел од Надзорниот одбор со мандат од четири години. А, одлуката за нивниот избор, односно реизбор беше донесена на почетокот од јули, кога се одржа акционерското собрание на Банката.
На реизбраниот Јолакоски претходниот мандат му заврши на 24 септември. Во работата на Надзорниот одбор учествува од 2017 година. Тој е доктор на науки од областа на безбедноста. Работи во Министерството за транспорт и врски како државен советник за патен сообраќај.
Камбовски е доктор на правни науки. Работно е ангажиран во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што е редовен професор на Правниот факултет.
Надзорниот одбор на битолската банка е во состав: Гордана Гацева, Борислав Атанасовски, Стевчо Јолакоски, Игор Камбовски и Антони Пешев.