Промени во акционерската структура на битолскиот ЗК „Пелагонија“. Фирмата „Софија Градба“ ги продала сите акции што ги поседувала во комбинатот, а новиот сопственик е „Орка Холдинг“.
„ЗК ПЕЛАГОНИЈА АД БИТОЛА, согласно чл. 38 од Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје, известува дека настаната е промена на сопственост врз акции на начин што одреден досегашен сопственик со над 5% од вкупниот број на акции – друштвото СОФИЈА ГРАДБА ДООЕЛ Скопје, повеќе не е акционер со над 5% акции, а постои нов акционер со над 5% акции – друштвото ОРКА ХОЛДИНГ АД Скопје со 46.046 акции, односно 22,69% од вкупниот број акции“, е официјалната објава од комбинатот, пласирана преку берзанскиот систем за електронски информации за котираните друштва.
За потсетување, на берзата поминаа две идентични блок-трансакции, првата на 13 септември, а втората по десет дена, на 23 септември. Или, на двапати беше реализирана купопродажба на по 46.046 обични акции издадени од ЗК „Пелагонија“ кои обезбедуваат по 22,69 проценти сопственост, за што беа платени по 1,73 милиони евра. Во блоковите акциите се продадени по цена од 2.319 денари.