Владимир Пецовски постојано го зголемува, а „Настел“ го намалува сопственичкиот удел во „Реплек“. Најновата информација споделена преку Македонска берза вели дека акционерот што купува сега поседува 6,34, а тој што продава 8,38 проценти од хартиите од вредност издадени од фармацевтската компанија.
Овојпат како купувач е наведен и членот на Управниот одбор, Марјан Велковски.
„Акционер со над 5% Пецовски Владимир се стекна со 17 нови акции, со што поседува вкупно 16.430 или 6,34% од вкупниот број на акции.
Акционер со над 5% односно компанијата Настел ДООЕЛ продаде 32 акции, со што поседува вкупно 21.721 или 8,38% од вкупниот број на акции.
Членот на Управен одбор Велковски Марјан се стекна со 10 нови акции, при што вкупно поседува 40 обични акции“, објавија од „Реплек“.
И пред една недела имаше ваква слична информација, кога инвеститорската јавност беше известена дека Владимир Пецовски купил три, а „Настел“ продал 99 акции. Пред неколку дена, пак, имаше блок-трансакција во вредност од над 81 илјада евра, преку која беше купен пакет од 358 акции, или 0,14 проценти од основната главнина на „Реплек“.