Цените на производите во есенската кошница ќе се регулираат со ограничување на маржата, а ќе имаат краткотрајна примена од еден месец. Предлогот ќе се разгледува во вторник, на идната владина седница, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Цените нема да се замрзнат, рече министерот, појаснувајќи дека до десет проценти ќе се ограничи бруто профитната маржа
„Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници“, посочи Дурмиши.
Договорот за есенската кошница е постигнат, потврди и премиерот.
„Имаше вчера предлог од страна на министерот за економија, кој е резултат на средбата што ја имаа надлежните со производителите и со трговците. Рековме дека работите ќе ги решаваме преку дијалог, беше постигнат договор и ќе биде веќе на следната владина седница. Вчера не беше поради определени технички причини, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се генерален колегиум и комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница во вторник да биде на дневен ред“, рече Мицкоски.
Со оваа мерка која, како што неодамна изјави премиерот, не е задоцнета, ќе бидат опфатени лебот, пекарските и млечните производи, одделни видови овошје и зеленчук.