Со позитивната нето-разлика од 4,7 милиони евра остварена во август, отворените инвестициски фондови излегоа од минусната фаза во која западнаа еден месец претходно. Тоа се должи единствено на намалените одливи на средства, бидејќи потфрлување има кај приливите.
Инвестициските фондови успеале да инкасираат 9,3 милиони евра во август. Резултатот е за 59,71 процент понизок од тој во јули од 23,2 милиони евра, покажуваат податоците од месечниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.
Затоа, среќна околност е што кај одливите е забележан пад од високи 84,71 отсто. Изразено низ бројки, станува збор за 4,6 милиони евра, кои се за за повеќе од шест пати пониски од јулските 30,1 милион евра.
Оттаму, на последниот ден од минатиот месец нето-вредноста на отворените инвестициски фондови изнесува 18,08 милијарди денари, што е еднакво на 294 милиони евра. Во однос на јули има зголемување од 2,63 проценти