Акции на девет компании и една банка, вкупно 5.556, се регистрирани во нетрговските трансфери извршени минатата недела. Тоа е за безмалку 13 пати повеќе во однос на претходната седмица. А, акциите на седумте котирани друштва забележани во вторникот се повторуваат во преносите во наредните денови.
Нетрговските трансфери ги имало во сите четири работни денови. Во три наврати е вршен пренос со акциите на „Уготур“: во вторник 15, во среда 36 и во четврток 18 обични акции. И на РЖ „Интер-Трансшпед“: 14, 34 и 16 обични акции.
Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност објавени на Македонска берза, акциите на шест компании се трансферирани на двапати. Со вкупнио 983 предничат издадените од „Либерти“, при што прво минале 445, па уште 538 обични акции. На овој начин сопственоста е променета кај 807 акции на „Макстил“ – 307 и 500. Прво се евидентирани 267, потоа 322 акции на „АрцелорМиттал“ (ХРМ).
Тука се и акциите на уште две компании произлезени од некогашната Железара: 13 плус 16 на РЖ „Економика“ и на РЖ „Техничка контрола“ – пет и 13 обични акции.
Во средата низ нетрговските трансфери минале и 100 акции на „Гранит“ и 37 на „Пелистерка“ АД Скопје.
Најраздвиежено со 1.834 трансферирани акции било со четвртокот. Освен компаниите што се „повторуваат“, запишани се акциите на „Хотели Метропол“ АД Охрид, 75 на број, како и 849 издадени од скопски „Алкалоид“
Работната седмица во овој домен завршила со нетрговскиот трансфер на 150 обични акции од Комерцијална банка.