Шеќерот во минатото носел назив бело злато. Тој бил најважната култура во светот, но редок производ што можеле да си го дозволат само богатите. Во венецијанските куќи во 13. век, шеќерот се чувал под клуч и богатите често го користеле за да направат екстравагантни кондиторски изложби со цел да го покажат своето богатство на раскошните забави. Венеција била центар на рафиниран шеќер.
Шеќерот се тргуваше низ целиот свет до средината на 18. век. Пиењето кафе и какао со шеќер станало модерно меѓу европската елита.
Денес, шеќерот и слатките задоволства се достапни за секого и заведуваат од секој рафт во маркетите. Рецептурите се најголемо богатство и тајна на успешните производители на слатки од шеќер. Во дваесеттите години од 20. век рецептите за слатки се чувале во тајност.
Кај нас има богата палета на чоколада и колачи увезени од разни земји. Компаниите коишто се регистрирани како трговци на големо со шеќер, чоколадо и слатки од шеќер, навистина направиле шеќерни добивки.
Компаниите како Атлантик, Алма-М и Свислион се меѓу водечките во оваа област, со значителни приходи и широк спектар на производи. Тие се меѓу топ три со највисоки приходи и се меѓу првите три најголеми работодавци во категоријата трговија на големо со шеќер, чоколада и слатки од шеќер. Тоа го покажа анализата што ја направи порталот Пари.
ГОЛЕМА РАЗЛИКА ВО ПРИХОДИ ПО КОМПАНИИ
На врвот од листата според приходи за 2023 година е Атлантик Трејд Скопје. Таа својот развоен пат до глобалниот пазар го почна пред повеќе од две децении, токму како дистрибутер што од мултинационалните компании ги усвојуваше новите знаења и ги применуваше на сите брендови во својата дистрибуција, а потоа започна и со ширење на сопственото портфолио. Со остварените 64,6 милиони евра, компанијата го има најголемиот промет меѓу десетте во оваа категорија, и покрај тоа што не е најголема по добивка.
Зад неа по висина на приход е Алма-М Скопје, која е основана пред 33 години. Оваа компанија лани остварила промет од 56,3 милиони евра.
Името на компанијата Свислион е поврзано со четири фирми во Македонија, но продажбата на кондиторски производи е во рацете на Свислион ДОО Скопје. Оваа компанија направила промет од 37,7 милиони евра и го зазема третото место на оваа листа.
Извор: БизнисМрежа
Како четвртопозиционирана е Аграголд, со приход од околу 36 милиони евра. Оваа компанија големиот промет го има направено само од производство и продажба на бел кристален шеќер, шеќер во коцка, кафеав шеќер и шеќер во прав.
Во првата петорка рангирани по приходи е и Нестле Адриатик Македонија, со реализиран приход од 20,1 милион евра.
Последна во десетката во оваа категорија е кочанската компанија ТОП Базар, чија реализација на приходи изнесува 5,8 милиони евра.
… ИСТО И ВО ДОБИВКА
Две компании покажуваат значителна профитабилност во споредба со останатите за 2023 година.
Рекордер по добивка во категоријата трговија на големо со шеќер, чоколада и слатки од шеќер е Алма-М Скопје, со профит од 2,9 милиони евра.
Со разлика во нијанси кај профитот во однос на другите следува Нестле Адриатик Македонија, која има добивка од 2,1 милион евра. Останатите компании имаат остварено профит помалку од еден милион евра. Значаен удел има компанијата Океан-Ком трејд од Скопје. Со добивка од над 823 илјади евра се наоѓа на третото место на оваа листа. Четвртопласирана компанија со профит од 638 илјади евра е Свислион Скопје.
Извор: БизнисМрежа
Останатите компании имаат остварено добивки пониски од 400 илјади евра.
Во втората половина од табелата се позиционирани компаниите со помали профити, но сепак доволно високи за влез во првата десетка, чија вкупна, односно заедничка добивка брои околу 784 илјади евра.
НАД 3.500 ВРАБОТЕНИ
Во овие десет бизнис-лидери има вкупно 3.598 вработени луѓе коишто се грижат за слатките задоволства на рафтовите. И во овој сегмент се истакнува Алма-М, со 299 вработени. Веднаш зад неа е Атлантик Трејд со 223 лица. На третата позиција е Свислион, каде што заработуваат 105 лица. Со неа завршуваат фирмите со повеќе од сто вработени.
Извор: БизнисМрежа
Другите компании што се на оваа листа бројат од 12 до 73 вработени. А најмалку вработени брои струмичката Таргет (12), којашто не се рангираше во ниту една друга категорија.
Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска