Голем пад е забележан кај прометот во индустријата во текот на јули 2024 година, споредено со истиот месец минатата година. Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, индексот на прометот во индустријата во јули оваа година изнесува 86,5, што всушност покажува дека индустријата има пад од високи 13,5 проценти.
Падот на прометот на индустриското производство е многу негативен показател за земја како што е Македонија со степен на економски развој каде што индустријата, извозот и конкурентноста се основа за повисок економски раст и зголемување на стандардот на граѓаните.
За разлика од нас, богатите држави, кои издвојуваат десет пати повеќе во истражување и развој можат растот да го темелат на способноста на иновации и производство на нови софистицирани производи и услуги со голема додадена вредност.
Индустријата е многу важна за нашата земја и без нејзин развој ќе имаме уште поголеми проблеми со извозот, трговскиот дефицит, а понатаму и со буџетот и финансиската стабилност на земјата.
Во соопштението на ДЗС се наведува дека според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во јули 2024 година, во однос на лани, бележи опаѓање кај капитални производи за 35,4 проценти и Tрајни производи за широка потрошувачка за 1,6 проценти, додека пораст бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 6 проценти и нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,4%.
На домашниот пазар, во јули во однос на јуни годинава, прометот во индустријата е зголемен за 6.5 проценти, додека во периодот јануари-јули годинава во однос на периодот јануари-јули минатата година е намален за 0,6 проценти.
Податоците покажуваат дека поголем е падот кај прометот на странските пазари.
Според податоците, индексот на прометот во индустријата на домашниот пазар, во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, изнесува 99,1.
Индексот на прометот во индустријата на странските пазари, во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, изнесува 82.
Статистичките податоци покажуваат дека прометот во индустријата на странските пазари, во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, е намален за 18 проценти.