Со „ЕЛ.П.ЕТ Балканики“ завршија минатонделните и почнаа берзанските информации од оваа скратена работна седмица. Или, од 26 јули па наваму, ова е тринаесеттата објава дека компанијата ќерка на грчки „Хеленик Петролеум“ ги купува хартиите од вредност на „Окта“. А четиринаесетта од 23 јули кога „Пуцко Петрол“ ги продаде речиси сите акции. Според последната состојба, грчките газди сега поседуваат близу 85 отсто од издадените акции.
„Постапувајќи согласно член 38 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, ОКТА АД – Скопје објавува дека, по соодветно известување, ЕЛ.П.ЕТ. – БАЛКАНИКИ АНОНИМИ ЕТЕРИА ПЕТРЕЛЕУ ја зголеми својата сопственост за 10 акции, достигнувајќи вкупно 712.528 акции, што одговара на 84,19% од вкупниот број на акции“, информираат од „Окта“.
Забележливо е, овие десет акции ја претставуваат најмалата купена количина. Најголемиот број од 14.572 акции е запишан на 29 јули. Тогаш инвеститорската јавност преку Македонска берза беше известена дека во тој момент ЕЛ.П.ЕТ располага 709.447 акции, што е еднакво на 83,8 проценти. Три дена пред тоа, купени се пет илјади акции.
Во понатамошните трансакции полека но сигурно се зголемува сопственичкиот удел на најголемиот акционер на „Окта“, компанија која има емитувано вкупно 846.360 акции со номинална вредност од 51,12 евра.
Со акциите интензивно се тргува последниве неколку месеци, па има големи промени во акционерската структура. На 31 декември 2023 е забележана следната состојба: „ЕЛ.П.ЕТ Балканики С.А.“ поседува 689.875 обични акции или 81,51%, „Пуцко Петрол“ – 93.530 (11,05%) и други, односно поединци со помалку од 0,4 отсто од акционерскиот капитал со 62.955 акции (7,44%).
Споменатиот процент „Пуцко Петрол“ го достигна лани во ноември, кога со купените 1.565, во сопственост имаше количина од 93.530 акции. Но, од 23 јули оваа фирма – трговец со нафтени деривати, речиси и не фигурира во „Окта“. По единечна цена од 5.919 денари продаде 82.589 акции, исто така на ЕЛ.П.ЕТ. Му останаа 10.941 акција, што претставува 1,29 проценти.
Од малите акционери категоризирани како „други“, грчки ЕЛ.П.ЕТ ги купува акциите по истата цена од 5.919 денари.
„Окта“, пак, поседува е 84.636 сопствени акции, а тоа се десет проценти од вкупниот број. Откупот во три наврати го направи во јули, а врз база на одлуката донесена од акционерското собрание, со утврден ценовен минимум (5.145 денари) и максимум (5.919 денари). Сепак, тие не и даваат ниту право на глас, ниту на дивиденда. А, ЕЛ.П.ЕТ е на чекор од најголем да стане единствен сопственик на акциите од компанијата, која има солидни деловни резултати: во првата половина од годинава оствари добивка од 1,6 милиони евра, а ги зголеми и продажбата и просторот за извоз на горива.